Со шатор и филтри за прочистување на воздухот ќе се расчистува малата депонија во ОХИС

Сподели

 

Малата депонија со линдан во ОХИС ќе биде покриена со шатор во кој ќе се инсталираат и филтри за прочистување на воздухот, за да се озбезбеди заштита на околината при чистењето на опасната хемикалија, предвидува Планот за ремедијација, доставен од страна на компанијата „Полиеко“ од Грција.

Владата и Министерството за животна средина, заедно со Организацијата за индустриски развој при Обединетите нации, УНИДО, веќе го одобрија Планот за работа.

Од ресорното министерство информираат дека во процесот на подготовка за реализирање на чистењето, освен шаторот со интегрирани единици за негативен притисок и ХЕПА филтри со активен јаглен за прочистување на воздухот, на локацијата на малата депонија ќе биде извршено и зонирање и обележување.

Исто така, ќе се инсталира опрема за пакување и машини одобрени од ООН, а ќе се обезбеди и опрема за лична заштита на работниците, како и материјали за здравствена заштита и безбедност и за заштита на животната средина.

Ќе бидат поставени и завеси за заштита од прав, шатори за деконтаминација, правосмукалка со ХЕПА филтер, опрема за следење на квалитетот на воздухот, а машината за дробење грутки ќе биде поврзана на затворена транспортна лента.

Во проектот е предвидено грчката фирма да исчисти, спакува и транспортира на безбедно уништување дел од хемикалијата или 450 тони линдан и 200 тони контаминирана почва, со која во изминатиот период била покриена депонијата. Работите, според планот, треба да се завршат до октомври, а ремедијацијата на тој дел од депонијата ќе чини околу два милиони евра.

Малата депонија има вкупно 6,661 тони отпад од кои 1,601 тони се од HCH, 4,060 тони се загадена почва и 1.000 тони контаминиран бетон. За чистење на остатокот од количините, информираат од Министерството, средства ќе се обезбедуваат преку мулти-партнерскиот фонд, со кој управува UNOPS.

„Полиеко ќе врши ракување, пакување, етикетирање и времено складирање на отпад во согласност со упатствата на Базелската Конвенција и меѓународните стандарди за управување со отпад кој содржи перзистентни органски загадувачи. Отпадот ќе се препакува во буриња одобрени од ООН, а и контаминираната почва ќе се препакува во специјализирани контејнери, сертифицирани и лиценцирани за пренос на отпад согласно АДР конвенцијата“, посочуваат од Министерството.

Транспортот на линданот ќе се врши преку Солунското пристаниште, а од таму со брод до Франција, до компанијата за горење на отпадот „Фос Сур Мер“. Конатминираната почва, пак, исто така ќе се носи до Солун, преку граничниот премин „Богородица“, а оттаму со брод до пристаништето во Ротердам во Холандија, каде ќе се преработи во компанијата „АТМ“.

„HCH отпадот и контаминирана земја низ Македонија и низ Грција, до Солун ќе патуваат со камиони на лиценциран превозник, кој ќе треба да ги почитува одредбите на Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад, како и на Европската спогодба за меѓународен превоз на опасни материи по патишта. Овој дел од ремедијацијата на малата депонија во ОХИС е финансирана од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и од буџетот, во кој годинава има одвоено 43,6 милиони денари за реализација на проектот“, посочуваат од Министерството.