Со „Таргет“ обвинетите во „Пуч“ ќе станат сведоци, а сведоците обвинети

Сподели

sluchaj-puch-obvineti

Што ќе се случи со обвинението за случајот „Пуч“ по отворањето на новата истрага на Специјалното јавно обвинителство? Дали ќе биде повлечено, проширено со нови обвинети или пак во обвинителната клупа на местото на сегашните ќе се седнат сега осомничените во случајот „Таргет“? Тоа ќе се знае откако судскиот процес и официјално ќе почне. Засега единствено што е сигурно е дека истрагата за „Таргет“ ќе има импликации во постапката за „Пуч“.

Ова го посочија и обвинителката Фатиме Фетаи, која го презентираше случајот „Таргет“, а го повтори и нејзината колешка Ленче Ристоска, одговарајќи на новинарските прашања. Ни Фетаи ни Ристоска не сакаа да кажат „во која насока ќе одат тие импликации“.

– Како ќе тече постапката за тоа ќе треба да се произнесеме пред судот и ќе чекаме судот формално да закажа главна расправа. Она што во моментов можам да го кажам и она што е утврдено како неминовно, а како што кажа и колешката Фетаи, овој предмет ќе има импликации на тој предмет меѓутоа во која насока ќе одат тие имликации не би зборувале предвремено туку ќе чекаме во иднина формално да го изнесеме нашиот став – изјави Ристоска.

Во случајот „Пуч“ обвинети во моментов се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, лидерот на СДСМ Зоран Заев, Ѓорѓи Лазаревски, функционер во МВР и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица. Тие се товарат за кривичните дела шпионажа, неовластено прислушување и за насилство врз претставници на највисоките државни органи. За случајот веќе е осуден поранешниот инженер во УБК, Звонко Костовски, кој го призна делото и се спогоди со обвинителството. Сепак за неговата пресуда СЈО до Врховниот суд поднесе Барање за заштита на законитоста (БЗЗ), заради неколку спорни моменти.

Единствен сведок во случајот е актулениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски.

Токму Груевски, во своето обраќање на 31 јануари 2015 година, истиот ден кога МВР го објави во јавноста случајот „Пуч“ и поднесе кривична пријава против Зоран Заев, истакна дека зад прислушувањето стои странска разузнавачка служба чиј главен соработник во земјава е Зоран Верушевски кој развил своја агентурна мрежа во Македонија.

Денеска во рамките на случајот „Таргет“ СЈО соопшти дека прислушувањето било вршено од Управата за безбедност и контраразузнавање преку нејзините системи за следење на комуникација, во период од 2008 година до 2015 година.

Осомничени се 10 поранешни и сегашни вработени во УБК кои се наоѓале на раководни позиции или биле дел од пониски ешалони, постои основно сомневање дека ја искористувале службената положба и незаконски прислушувале.

Овие лица, чиј идентитет СЈО не го откри, најверојанто се Костовски, Лазаревски и Верушевски, кои според наводите во „Таргет“ се тие кои што го откриле прислушувањето, за разлика од „Пуч“ каде се обвинети дека тие незаконски прислушувале.

Во врска со тврдењето за вмешаност на странски служби, обвинителката Ристоска денеска изјави дека СЈО не поседува докази дека странски разузнавачки служби  вршеле следење на комуникациите.

– Од она што ние го поседуваме како доказен материјал а е и предмет на испитувањето беше дали,во рамките на УБК била вршена злоупотреба на системите и сите докази кои што ги обезбедивме одеа во таа насока. Досега ние не поседуваме докази за тоа дека од страна на странски служби или жолти комбиња било вршено следење на комуникациите – рече Ристоска посочувајќи дека во испитувањето како појдовна основа ја зеле пресудата против Костовски.

meta.mk