Собранието изгласа 1,6 милијарда денари пренамена од буџетот за исплата на заостанати долгови

Сподели

 

Со 51 глас „за“, 25 „воздржани“ и ниту еден „против“ Собранието на Република Македонија денеска ја усвои одлуката за прераспределба на 1,6 милијарди денари меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите.

Министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците образложи дека се крати од ставки кои нема да се реализираат, а тие средства ќе се користат за отплата на наталожени обврски. Одлуката е одраз на определбата за ефикасно управување со јавните финансии и плаќање на долговите на државата.

Се предлага, информира Тевдовски, исплаќање на неколку поголеми заостанати долгови: за големата концертна сала за Македонската филхармонија, за опрема во МВР, за градежни објекти во СОЗР, пред се објектот на Факултетот за драмски уметности, за Албанскиот театар во Скопје и театар и библиотеката во Тетово, за преведување и печатење на стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и за бесплатни учебници. Со оваа отплата на дел од наследените долгови ќе се обезбедат заштеди во следните 10 години како резултат на избегнување на плаќање на камати и евентуални судски трошоци за ненавремено подмирени обврски, укажа Тевдовски.

Извор за покривање на овие долгови се предложените намалувања од позициите кај кои се забележува послаба реализација и каде е извесно дека планираните средства нема да бидат искористени во целост до крајот на годината.

– Главна причина за ваквата реализација се специфичните услови во текот на оваа година, пред се политичката неизвесност во првата половина на годината, како и локалните избори во втората половина – рече министерот Тевдовски.

Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека крајната цел на одлуката е во ред бидејќи со неа ќе се овоможи 50-ина милиони евра да влезат во стопанството. Но, како што наведе, одлуката е првата целосна дијагноза на Владата на СДСМ за слабостите во планирањето и реализирањето на средствата.
Сопартијката на Димовски, Лилјана Кузмановска рече власта дека едвај успева да реализира 49 проценти од капиталните инвестиции и оти СДСМ намалува и преполовува финасии за проекти кои им биле исклучително важни.

– Намалувањето го вршите во ставки кои не се многу популарни, но во истовреме значат развој и компонентна за раст на БДП, како што е изградба и реконструкција на основни училишта, на ФИНКИ, во делот на спорстки сали на студентски домови – рече Кузмановска.

Васко Ковачевски од СДСМ, пак, оцени дека станува збор за добра, паметна и практична одлука на Владата и оти со неа ќе се искористат средства кои не можат да бидат употребени до крајот на годината и ќе се пренаменат во попрактични и поприменливи

– Ја поддржуваме ваквата одлука затоа што ќе имаме практична примена и ќе ги ослободиме дел од министерствата со преголемиот товар на обврски кои не можат да ги исполнат до крајот на годината, сега ќе добијат дополнителни средства и ќе ги наменат кон добавувачите, ќе се намалат можностите да се плаќаат дополнителни камати,извршни решенија – рече Ковачевски.

Неговиот сопартиец Томислав Тунтев потенцираше дека нема ништо лошо во желбата на Владата да ја раздолжи државата од стопанските субјекти и усложните дејности. Горан Милевски од ЛДП, пак, истакна дека парите се враќаат назад во стопанството и забележа оти не е коректно да се обвинува за неспособност да се реализира нешто во ситуација кога имало политичка криза и локални избори.

Во завршниот збор министерот Тевдовски рече дека ваквата одлука не е преседан и оти во 2007 година имало два ребаланса и една пренамена, а не било година на криза, проблеми и доспеани обврски. Кај капиталните инвестиции, појасни, се соочивме со спорни започнати проекти, нерасчистени имотно правни односи, необезбедени одобренија за градба, проблеми со проекти, документации и сл.

– На пример за одбраната има проблематичен договор за ремонт на хеликоптери, има договори за Центар за обука на пилоти којшто практично не ги исполнуваат обврските за создавање на нови пилоти и за тоа нема никаква логика да се плати – рече Тевдовски.

За успешноста на минималната плата, укажа, најважно е дали луѓето кои беа со примања под 12.000 денари денеска добиваат плата од 12.000 денари и како што рече, мнозинството, над 90 проценти добиваат плата повисока од тој износ.

МИА