СОБРАНИТЕ СРЕДСТВА ПРЕКУ ЦРВЕН КРСТ ЌЕ СЕ ДЕЛАТ ПО СПИСОЦИ ОД ПОНЕДЕЛНИК

Сподели

crven-krst-1

Од 7-ми до 30-ти август на сметката на Црвениот крст на Македонија собрани се 57.860.933 денари, од кои 44.610.633 денари на сметката на Фондот на солидарност и 13.250.300 денари со повик на телефоните за донации.

За ова денеска на прес-конференција информираше генералниот секретар на Црвениот крст на РМ Саит Саити, при што појасни дека дистрибуцијата на паричните средства ќе се реализира линеарно на секое семејство, согласно списоците добиени од комисијата за увид и проценки на штети.

– Бројката од 57 милиони денари денеска и утре очекуваме да порасне за уште шест милиони денари. Скопска Пивара има потврдена донација, а средствата се уште не се добиени, Македонска навигација има потврдено донација од еден милион денари, градот Бон исто така еден милион денари и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги исто така еден милион денари. Сето тоа чини шест милиони денари. Кога ќе се придодадат на овие 57 станува  збор за 63 милиони денари односно над еден милион евра, истакна Саити.

Според генералниот секретар, од понеделник околу 4.000-4.500 семејства од поплавените подрачја ќе добијат парична помош од околу 230-250 евра по семејство.

 Саити најави и други планови меѓу кои и добиената проектна поддршка од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената месечени во вредност од 300 илјади швајцарски франци во пакети со храна и средства за хигиена за 3.000 лица.

– Сакам да ве информирам и за уште еден проект кој начелно е одобрен, а се работи за помош од Австрискиот Црвен крст, во висина од 550.000 евра. Најголемиот дел од средствата ќе бидат  наменети за натамошна помош на 320 семејства од загрозеното подрачје кои ќе добиваат по 500 евра во наредните два месеца. Се работи исклучиво за категорија која е ограничена, а критериум за нивен избор преставува нивната состојба, односно тие се корисници на социјална парична помош, рече Саити.

Во однос на материјални добра, Црвениот крст досега дистрибуирал 34.232 пакети со храна 31.004 дневни и топли оброци, 46.377 литри млечни производи, 7.499 пакети со хигиена, 2.577 бебешки пакети, 317 тони вода, 586 душеци, 4.590 ќебиња, 600 килограми облека… Во активностите на Црвениот крст биле вклучени 200 лица професионалци и волонтери поделени во седум мобилни и два медицински тима.