Сончеви панели кои работат и на дожд

Сподели

Сончевите панели се една прекрасна технологија која ветува многу од аспект на елиминација на употребата на фосилни горива за потребите на цивилизацијата. Најдобрите сончеви панели на денешницата имаат ефикасност од околу 20% (префрлање на фотонска во електрична енергија) што не е претерано импресивно, но развитокот на ова поле стабилно напредува.

Од друга страна сончевите панели се корисни во главно само на територија која се „бања“ во сончеви зраци – како медитеранските земји, Африка и сите кои се блиску до Екваторот. Работата е што како што се оди накај север, така количеството на сончева светлина се намалува, и тоа често заради присуството на дожд и облаци.

Сепак, ова можеби ќе се промени бидејќи еден тим на научници од Кина успеаа да создадат сончеви колектори кои работат и на дожд. Поточно, не се работи за некакви „вуду магии“ кои им овозможуваат да собираат Сонце и таму каде што го нема.

sonce

Како функционира

Концептот е прилично едноставен. На површината од панелите има тенок слој од графен кој е практично невидлив и не смета на прибирањето фотони при сончеви денови. Кога дождот паѓа врз колекторите тој доаѓа во допир со графенот.

Дождот не е чиста вода (H2O) туку во себе содржи разни други елементи кои стануваат јони во таквиот раствор. Јоните предизвикуваат движење на електрони и празнини низ графенот, а ова движење може да се прибере и насочи кон нешто. Бидувајќи концепт и истражување, ефикасноста на овој систем по дожд е доста ниска – само 6,5%.

how

Битноста на концептот

Сепак, шансата да се префрли хемиската енергија од дождот во електрична е доста интересна особено за држави како В. Британија, Холандија, Русија и слични кои имаат многу дождливи денови, а помалку Сонце.

Во светот постојат неколку различни концепти на искористување на сончевата енергија. Досега најефикасниот е веројатно тој базиран на концентрирана сончева енергија, кој преку систем на огледала ги фокусира сончевите зраци на една точка (акумулатор), која пак потоа се користи за испарување вода и придвижување турбини.

Вториот е стандардни сончеви колектори поставени на крововите од куќите кои заменуваат дел од домашните потреби за топла вода. Третиот се, секако, фотоволтаиците, кои при судир на фотоните од сончевото зрачење предизвикуваат електричен потенцијал (движење на електрони) кој се пренасочува до некаков акумулатор или се пушта директно до електричната мрежа.

Секој напредок во ова поле е добредојден, особено сега кога полека се префрламе на возила и транспорт погонет од електрични мотори.

(smartportal.mk)