Соопштение на Државната комисија за спречување на корупцијата

Сподели

Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во
службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни
простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи бројни иницијативи и препораки кои сеуште чекаат ред и време за да се постапи по нив.

Да Ве потсетиме дека четири години по ред во Извештајот на ЕК за
напредокот на земјата, добиваме позитивни оценки за својата проактивност и отворање случаи против високи функционери, што е директна потврда за оправданоста на нашето работење и за ажурноста на Комисијата токму во овој состав. Исто така, во своите извештаи ЕК ги повикува надлежните институции да постапуваат по препораките на ДКСК.

Преку своето работење, независност и непристрасност, Комисијата вложувасериозни напори да се задржи и зајакне интегритетот на  институцијата, а со своето залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото, направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи.

Зачудува фактот што оваа оценка на ЕК како највисоко тело на ЕУ Вие не ја признавате и изнесувате неосновани обвинувања, а истовремено се залагате за брз влез во ЕУ.

ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери. Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста.

Ова дотолку повеќе што неодамна Кабинетот на вице премиерката за добро владеење ја обвини Комисијата за паушални и неосновани обвинувања поврзани со предметот за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко иако на прес конференцијата на ДКСК такво нешто не беше споменато, а вице премиерот за евроинтеграции на билатералниот скрининг за образование култура и спорт побара од претседателката да не ја известува ЕК за поднесената тужба за клевета од страна на директорот за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

ДКСК има капацитет да се избори со вашите оркестрирани напади.