Состанок на ИППГ за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени

Сподели

Во Собранието на Република Северна Македонија се одржа конститутивен состанок на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.

Од страна на учесниците беше изразена поддршка за формирањето на Интерпартиската парламентарна група со уверување дека истата ќе придонесе за подобрување на животната средина и успешно справување со последиците од климатските промени.

Се истакна дека повеќето општини долги години се соочуваат со проблемот на загадување на воздухот  и истиот е проблем кој ги надминува партиските бои бидејќи сите граѓани ги чувствуваат негативните последици од загадениот воздух. Поголемо внимание треба да се посвети и на загадувањето на природата, односно загадувањето во градовите и руралните средини што негативно влијае врз развојот на туризмот. Република Македонија е мала земја, со не многу развиена индустрија и нема големо влијание на глобално ниво врз климатските прмени. Сепак, како земја потписничка на Парискиот договор за климатски промени треба да презема активни мерки за намалување на загадувањето и подобрување на животната средина. Како договорна страна на Енергетската заедница, Република Македонија го имплементира потребното европско законодавство во насока поголема употреба на обновливи извори на енергија и намалена емисија на стакленички гасови.

Беше презентирана работата на неформалната зелена група во изминатиот парламентарен состав која се формираше како иницијатива на граѓанскиот сектор. Меѓу другите активности, групата оствари посета  на Националниот парк Маврово, беше остварена координативна средба по однос на Законот за прогласување на Студенчишко блато за споменик на природата, за Законот за климатска акција кој се уште не е донесен, за закони кои опфаќаа одредени делови од урбанизмот, градежништвото. Исто така, беа поднесувани амандмани на предлог буџетите во делот на животната средина и во делот на усогласување на Законот за прекршоци.

Се изнесе мислење дека проблемот со климатските промени често пати се занемарува од страна на носителите на политиките во државата. Во изминатиот период беше формиран Зелен климатски фонд кој располага со 12 милијарди евра за финансирање на проекти за борба против климатските промени. Фондот за иновации и технолошки развој е во фаза на акредитирање за да стане акредитирана институција за користење на средства од Зелениот климатски фонд со Република Северна Македонија ќе биде прва земја од земјите од Западен Балкан која користи средства од овој фонд.

Се изрази уверување дека како и во минатиот парламентарен состав така и во иднина ќе продолжи успешната соработка со претставниците на невладините организации кои ќе придонесат во подобрување на законските прописи и следење на политиките кои ги спроведува Извршната власт. Постои соработка со зелените неформални групи и во другите парламенти од земјите на Западен Балкан и истата треба да продолжи и да се проширува и во иднина.