Социјалната реформа е трајно извлекување од сиромаштија преку вработување

Сподели

 

Министерките за труд и социјална политика и за финасии Мила Царовска и Нина Ангеловска, раководителот на секцијата за соработка во Делегацијата на ЕУ,  Никола Бертолини и директорките на ЦСР Скопје и АВРСМ Наташа Станојевиќ и Билјана Јовановска денеска се сретнаа со корисници на Гарантиран минимален проход коишто се активни баратели на работа и им ги презентираа можностите за активација преку најновиот четврти грант кофинансиран од Европската унија.

„Социјалната реформа не е само трансфер на пари кон најранливите, туки и блиска работа на социјалните тимови со корисниците и нивна постојана поддршка тие да се вклучат на пазарот на труд, а децата во образовниот процес. Нашата цел како Влада е да вработиме што поголем број од работоспособните лица коишто се во системот на социјална заштита, бидејќи само преку вработување се излегува од сиромаштија. Реформата ги даде првите резултати во делот на вработувањето и од почетокот на јуни до сега без користење на грантови, само со поврзување на Центрите за вработување  и центрите за социјални работи се вработени 370 лица. Ова укажува дека навистина е возможен моделот на вклучување на лица корисници на системот на социјална заштита на пазарот на труд“, рече министерката Царовска.

Грантот е со  имплементација од  36 месеци  од кои 3 месеци подготвителна фаза. Со активностите на грантот е предвидено да  бидат опфатени 1.200 корисници на ГМП, оние кои во едно семејство ќе бидат проценети и идентификувани како најработноспособни  и  упатени од ЦСР до АВРМ согласно новиот Закон за социјална заштита.

„Преку активните мерки за вработување, невработените граѓани се стекнуваат со квалификации – адекватни на побарувачката на пазарот на труд во земјава. На тој начин се усогласуваат понудата и побарувачката на пазарот на труд, што резултира со намалување на невработеноста и раст на вработеноста, што е и главна цел на овие политики. За догодина во Буџетот имаме предвидено рекорден износ на средства за активни мерки за вработување, односно 1,311 милијарди денари. За споредба, тоа е за третина повеќе во однос на 2017 година, двојно повеќе во однос на 2016 година или за четирипати повеќе во однос на 2014 година“, рече министерката Ангеловска.

Грантот вклучува поддршка за вработување и поуспешна интеграција на пазарот на труд преку стручни обуки за подобрување на вештините и квалификациите, креирање на нови работни места и поттик за вработување.  Директорката на АВРСМ Јовановска изјави дека Агенцијата за вработување е подготвена да го реализира во целост овој проект на Европската делегација.

„Максимално со Центрите за вработување ќе се посветиме на враќање на довербата на граѓаните коишто бараат работа и ќе им помогнеме во активацијата на пазарот на труд. Освен менторство, обука и активација ќе ги вклучиме и во активните мерки за вработување како што се субвенционирање на плати, обука кај познат работодавач и обука за занаетчиство и занимања за пазарот на труд. Директорката на ЦСР Скопје Наташа Станојевиќ рече дека секое семејство со социјалната реформа добива социјален работник којшто ќе биде запознаен со нивните проблеми.

„Предметите веќе се комплетираат и стартуваме со активна работа на терен и ќе се оди кон тоа да се вработат најлесно вработливите членови на семејствата во социјален ризик“, рече Станојевиќ. Раководителот на Секцијата за соработка во Делегацијата на ЕУ го поздрави стартот на користењето на грантот.

„Денеска разговараме за едно од најважните начела на ЕУ, а тоа е вклучувањето, односно инклузијата. Соработуваме со сите и сакаме сите да добијат можност да работат“, рече Бертолини.  Вкупниот буџет на грантот изнесува 4,1 милион евра од кои 3 милиони евра се контрибуција од ИПА/ЕУ (или 71%), а 1,1 милион евра (29%) се национално кофинансирање.