Социјални медиуми: Крај на продуктивноста или можност за подобрена комуникација?

Сподели

 

Кои се придобивките од употреба на социјалните медиуми во професионална средина за унапредување на комуникацијата на работното место.

Текстот е објавен во рамки на меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме назад просторот за дигитални информации“ кој ќе се одржи на 23 февруари 2023 година, пишуваат Бојан Китановиќ и Ивана Китановиќ за Республика.

„Почекај ме, само да твитнам нешто…“, „Еј, знаеш кој ми лајкна?“, „Видов колегава не ме заследил…“ Не, ова не се фрази и синтагми кои се слушаат единствено во еден типичен училишен двор или факултетско збирно место, туку се присутни и на работните места.

Бојан Китановиќ

Бројот на корисници на социјални мрежи од различни демографски и општествено-економски групи расте, односно повеќе од две третини од интернет корисниците посетуваат социјални медиуми. Улога игра и фактот што генерацијата Зет (gen Z) како предводник на овие платформи започна да се вбројува во работната сила.

Како што популарноста на социјалните мрежи секојдневно расте заедно со нивниот апсолутен број, несомнено, овие платформи на интернет целосно ја заземаат секоја пора на нашето секојдневие, вклучувајќи го и осум-часовното работно време. Затоа, не смееме да дозволиме да гледаме на ова време изолирано и недопрено и од личниот и од професионалниот живот на вработените.

Ивана Китановиќ

Тоа го вклучува и нивното присуство на социјалните мрежи како фактор кој влијае на целосната комуникација во една организација. Од таа причина, едуцирањето на вработените за користење социјални мрежи на работа и за професионални цели може да стане дел од работното опкружување и организациската стратегија.

Нов вид писменост – добри практики на користење (социјални) медиуми

Концептуализацијата на тоа што значи писменост е често поврзана со поширокиот концепт на информации. Имајќи го тоа предвид, се доаѓа до една нова кованица – информациска писменост, која го доживува врвот на популарноста во САД во осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, а актуелна е и денес. На тој начин, оваа информациска писменост во денешни рамки распознава и медиумска писменост, дигитална писменост, визуелна писменост, сајбер писменост и писменост за социјални медиуми.

Писменоста за социјални медиуми зема замав како што социјалните медиуми заземаат голем дел од времето на луѓето и на работните места и надвор од нив. Основите ги влече од медиумската писменост на начин што го вклучува аспектот на социјални медиуми покрај останатите дигитални и традиционални медиуми. Овој тип на писменост се фокусира на тоа колку ефикасно и ефективно корисниците комуницираат на интернет, градејќи квалитетни социјални врски.

Што дознавме за улогата на социјалните медиуми на работното место?

Нурнавме подлабоко во суштината на писменоста за социјални медиуми. Помеѓу декември 2022 и јануари 2023, беше направено истражување преку интервју со седум вработени на возраст од 23 до 33 години, кои работат во невладини организации и приватен сектор и кои употребуваат социјални медиуми на своите работни места.

Извор: unsplash.com

Се добија сознанија за нивните компетенции во овој домен како и ставови за тоа дали зголемената писменост за социјални медиуми води до поголема комуникација на работното место. Главната цел на истражувањето беше да се добие слика за писменоста на вработените за социјални медиуми, нивните вештини и компетенции за употреба на овие платформи како и дали комуникацијата помеѓу нив е поголема доколку ги употребуваат социјалните медиуми на работа.

На учесниците им беа поставени разновидни прашања кои можат да се категоризираат во четири клучни области – техничките компетенции на вработените, свесноста за тоа што се објавува на социјалните медиуми, вештини за заштита на приватноста како и познавања од социјални врски.

Во однос на техничките компетенции, беа опфатени аспекти како отворање на профил, додавање пријатели, следење други корисници и објавување на содржини. Повеќето вработени знаат како да отворат профил на различни социјални медиуми. Особено оние помеѓу 23 и 28 години сметаат дека имаат големо познавање од повеќе платформи и употребуваат барем 2-3 од нив одеднаш. Само еден испитаник на возраст од 32 години вели дека нема време за повеќе од една платформа и дека ја употребува само за да биде „во тек“ со она што се случува на неговото работно место и во професионалните животи на неговите колешки/ги.

Свесни сме дека лажните вести земаат замав и се шират главно преку социјалните медиуми. Затоа во денешно време уште поголема е важноста од медиумска писменост и развивање на вештини кај младите да ги препознаваат лажните вести. Ова вклучува и вести поврзани со нивната работа. За таа цел, се истражи и колку се свесни вработените за информациите кои се објавуваат на социјалните медиуми. Сите испитаници рекоа дека виделе лажни вести на платформите, но само половина потоа ги нашле вистинските вести.

„Ако е нешто многу важно за мене или мојата работа, дополнително ги проверувам пребарувачите и ги барам информациите на неколку места на кои им верувам“, вели една од испитаничките. Таа додава дека секогаш прво го проверува изворот и дури ги чита и коментарите на социјалните медиуми за да види дали вестите се точни.

Поврзано со ова, клучно е корисниците да ги развиваат нивните вештини за заштита на приватноста додека се на социјалните медиуми. За некои од вработените, приватноста е толку значајна што не го додале нивниот директор за пријател на социјалните мрежи во првите години на работа. Повеќето од испитаниците објавуваат фотографии и видеа од нивниот личен живот на Фејсбук и Инстаграм, но само три од нив прифаќаат единствено луѓе што ги знаат да им бидат пријатели во онлајн светот. Останатите ја шират нивната мрежа без оглед на тоа дали ги познаваат луѓето кои ги прифаќаат или не.

На крајот доаѓаме до социјалните врски на работното место. Повеќето млади вработени ги следат нивните колешки/ги на социјалните мрежи и комуницираат меѓу себе за време на работниот ден. „Ние сме голема компанија, па дознав дека магистрирала моја колешка преку Фејсбук“, вели еден од испитаниците.

Како некои предизвици со кои се соочуваат вработените при користење социјални медиуми на нивните работни места беа наведени неможноста редовно да се одговори на пораки кога има работни задачи што треба да се завршат како и неможноста редовно да се објавуваат содржини на личните профили.

Сепак, на прашањето дали користењето на социјални медиуми на работното место им помага да комуницираат подобро со нивните колеги, пет испитаници дадоа позитивен одговор додека само двајца сметаат дека нивната комуникација останува иста со или без употреба на социјални медиуми на работното место.

Нова ера на медиуми

Резимирајќи, сакаме да потенцираме дека клучно за денешните вработени е стекнување и развој на вештини поврзани со писменост за социјални медиуми. Овие вештини носат придобивки за професионалната комуникација, работната клима и благосостојбата на вработените. Како што покажа и истражувањето, особено младите вработени се редовно присутни на повеќе социјални мрежи и знаат како да ги употребуваат истите.

Истовремено, повеќето од нив сметаат дека нивната комуникација и социјални врски со другите вработени се подобрени со користењето на овие платформи.

Затоа, важно е да се искористи моќта што ја имаат и да се работи на вклучување на овие медиуми во секојдневното работење на продуктивен начин за вработените. Преку структурирано и систематизирано образование на оваа тема, менаџерите и вработените можат да ги воочат придобивките од употреба на социјалните медиуми во професионална средина со цел унапредување на комуникацијата на работното место.

Употребата на социјалните мрежи може да се поттикнува преку градење на дигитални заедници за вработените во кои тие виртуелно ќе можат да разменуваат знаења како и преку иновативни пристапи за награди и признанија, гамификација и можности за вмрежување. Неформалната комуникација може да се одвива на платформите и вработените да учествуваат во создавањето на содржини.

Како што застапеноста и влијанието на социјалните медиуми се зголемува и новите генерации, вклучувајќи ја и генерацијата Зет, стануваат дел од работната сила, сите соодветни чинители треба да работат кон инвестирање повеќе во овој вид на образование и ставање на оваа тема „под рефлекторите“.