Здружението ЛЕАД во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер успешно го организираа првиот националниот турнир за средношколци во друштвената игра „Изборологија“. На турнирот се натпреваруваат 10 средни училишта од цела земја, а победник е СОУ „Јане Сандански“- Штип.
Овој настан, не само што го истакна натпреварувачкиот дух меѓу учениците, туку и ја нагласи важноста на политичкото образование и пред се едукацијата на младите гласачи пред остварувањето на нивното право на глас.
„Играта е многу интересна, посебно за нас младите. Научивме многу повеќе за изборниот процес, како се поделени изборните единици, што е Донтов модел и како се распределуваат гласовите.“, изјави Росица Карашова, ученичка од СОУ „Јане Сандански“-Штип.
Изборологија е онлајн друштвена игра која симулира вистинско сценарио за парламентарни избори во нашата земја, дозволувајќи им на играчите да ги контролираат политичките партии и да се натпреваруваат за гласови. Нејзината примарна цел е да ги образува младите во С. Македонија за сложеноста на политичкиот систем, а со тоа да поттикне генерација на информирани и совесни гласачи. Самата игра ги претставува сложените политички концепти и процеси достапни и разбирливи за најмладите генерации.
„Онлајн играта е одличен начин да се добијат детали за политичкиот систем и како функционира демократијата. Задоволен сум што учениците и нивните наставници се толку заинтересирани да научат повеќе за политиката во земјата и играат со многу ентузијазам. Исто така, би сакал да им се заблагодарам на нашите партнери ЛЕАД и на програмерите на Изборологија што ја дадоа оваа одлична можност“, изјави Даниел Браун, претставник на фондацијата Конрад Аденауер.
Програмскиот директор на LEAD, исто така Илија Станковски ја нагласи потребата од политичка едукација во образованието:
„Политичкото образование е многу малку застапено низ предметите во образовниот систем, а дополнително политичките теми и изборите се уште се непопуларни и се избегнувани од страна на младите. Затоа преку Изборологија сакаме да им го доближиме политичкиот систем на учениците, но и да им овозможиме на наставниците да имаат алатка која ќе можат да ја користат за време на часовите“, изјави Станковски.
Како завршница на процесот, победничкиот тим од СОУ „Јане Сандански“ од Штип оствари средба со претставници на организаторите, но и со претставници од Парламентарниот институт кои им овозможија едукативна обиколка на Собранието на Северна Македонија, запознавајќи ги поблизу со законодавниот дом.
На 29 февруари 2024 следува нов национален турнир во друштвената игра за политичка едукација Изборологија, на кој учество ќе земат 10 нови училишта, а за тимот на училиштето што ќе победи на националниот турнир следува награда од 10.000 МКД за самото училиште.