Петревски: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ предизвикуваат хаос во јавниот превоз

Сподели

 

“Со жалење морам да соопштам дека непринципиелната коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на град Скопје уште еднаш докажа дека работи исклучиво во корист на личните и партиски интереси и на штета на граѓаните. 

На вчерашната седница на Советот на град Скопје за ребаланс на градскиот буџет, претставниците на овие две политички партии, свесно решија да се обидат да предизвикаат хаос во јавниот градски сообраќај. Имено, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со амандман на ребалансот на буџет заеднички не ги изгласаа предвидените средства за сервисирање на редовните потреби на ЈСП со што свесно се обидуваат да предизвикаат застој во Јавниот сообраќај. 

Се уште очекуваме Владата на СДСМ да ги подмири своите финансиските обврски кон ЈСП за бесплатен превоз за студентите, со што намерно и смислено оваа непринципиелна коалиција работи на предизвикување на проблеми за граѓаните онаму каде што ги нема. Штетата ќе ја трпиме сите ние, граѓаните на градот Скопје.

Јас како директор на ЈСП, нема да дозволам оваа непринципиелна коалиција да предизвика застој на јавниот превоз, и да ги остави чесните вработени во претпријатието без плата, но граѓаните мора да знаат кој работи во нивна корист, а кој работи на штета на скопјани”, се наведува во изјавата на в.д.директорот на ЈСП Скопје, Крсте Петревски, дадена во врска со случувањата на Советот на Град Скопје.