Спасовски: Гоце Делчев е нашиот голем учител и нашиот патоказ кон иднината

Сподели

 

Гоце Делчев е светлото име кое ја означува нашата борба за слобода и за независна Македонија. Гоце Делчев е нашиот голем учител, нашиот пожртвуван револуционер, нашиот патоказ кон иднината, напиша на својот профил на Фејсбук, премиерот Оливер Спасовски..

Како што истакнува Пејо Јаворов, соборец на Делчев и негов прв биограф, „македонскиот народ го гледаше во неговото лице најблискиот, најверниот, најсаканиот свој учител, пријател и син“.

Со својата мисла и дело Гоце Делчев е личност која сплотува и обединува, не само во Македонија, туку и пошироко. Не само во минатото, туку и денес во современа Северна Македонија и пошироко.

Како што укажа неодамна и Кица Колбе: Визијата на Гоце Делчев за „културниот натпревар“ ја антиципира идејата на европското обединување половина век пред нејзиното пројавување по Втората светска војна.

117 години по неговата трагична смрт, наша должност е да го продолжиме неговото дело и да го негуваме и почитуваме Гоце Делчев како лик кој сплотува, обединува и мотивира на борба за уште поголеми слободи и права и културен натпревар меѓу сите народи – напиша премиерот Оливер Спасовски.