“Категорично ги отфрлам сите шпекулации за било какви договори и со било кого. МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работиме на негово пронаоѓање”, – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
“Продолжуваат проверките на локациите поврзани со истрагата. Распишана е и централна и меѓународна потерница. Продолжуваме со потрага да го лоцираме поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.”
Во врска со одговорноста за бегството на Мијалков, министерот изјави:
„За да се чувствува одговорност, значи дека треба да направите пропуст намерен или да не постапите во однос на овие насоки што се дадени. Според хронологијата на настаните, гледате дека МВР постапува веднаш од добивањето на информациите со сите расположливи средства. Ние мора да ја бараме одговорноста во непостоењето на целиот систем. Тоа го укажав и претходно, ако не се среди системот и имаме вака сериозни пропусти во постапката во делот на системот, тогаш секако ќе имаме и нови настани што ќе се случуваат. Ова треба да биде силен аларм до сите да се консолидира системот и да се поставува воедначено. Да се знае точно за какви предмети и по кои околности мора да се бараат мерките за притвор и токму на основа на тоа да се дадат предлозите од обвинителството и да се носат одлуките од судиите. МВР ги извршува наредбите од страна на јавното обвинителство или судските одлуки, ние не можеме ниту да носиме одлуки ниту да постапуваме без судот“ – изјави министерот Спасовски.