Спасовски: Нелегално стекнатиот имот при корупција да се одземе од државата и да се врати на граѓаните

Сподели

 

Во текот на интервјуто за „Слободен печат“, запрашан во врска со истрагите во делот на спречување на корупцијата, министерот Спасовски истакна дека најважно е зголемувањето на  довербата во институциите и подигнувањето на јавната свест кај граѓаните да пријавуваат корупција.

„Секој еден од нас може да помогне во овој дел. Ако споредиме 2021, 2022 со 2023, од година во година имаме сериозно зголемување во делот на откривачка дејност за корупција. Како МВР, борбата против корупцијата ја ставаме во врвните приоритети и ги ангажираме сите расположливи ресурси и капацитети. Борбата против корупцијата е важна за да имаме напредок во општеството. Корупцијата ги јаде работните места, ги јаде инфраструктурните проекти, разорува комплетно сѐ во државата, а криминалците создаваат богатства кои ги стекнале на нелегален начин. Се водат финансиски истраги за сите кривични дела. Тоа го започнавме од 2017 година, со формирање на посебни Оддели, и паралелно работиме, со секоја истрага да имаме и финансиска истрага. Оној имот кој е стекнат на нелегален начин да се одземе од страна на државата и да се врати на граѓаните”, рече Спасовски.

Притоа, Спасовски ова го надополни со статистичките податоци за досегашните активности на МВР  во делот на спречување на корупцијата.

„Од почетокот на 2023 до мај, од Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал, поднесени се 4 кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, против еден градоначалник и вработени во општина – станува збор за Неготино. Имаме кривични пријави против 10 лица вработени во АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, за период 2021-2016, за сериозно оштетување на Буџетот од околу 45 милиони денари. Имаме реализирани акции во СВР Штип, СВР Охрид, СВР Битола, СВР Велес, а кривично се пријавени вкупно 20 лица. Па за ЈП „Национални шуми”, за превозници, во делот на дрвна маса и пустошење на шуми… понатаму, имаме кривични пријави за примање поткуп на граничните премини Богородица и Ќафасан“, истакна министерот Спасовски.

Разговарајќи на темата за спречување на корупција, Спасовски упати и апел до граѓаните да продолжат со трендот на зголемување на пријавите.

„Постои посебен телефонски број за анонимно пријавување на сите случаи на корупција. Апелирам, секој еден кој се вклучува во активност на барање поткуп и корупција, без разлика кој е, да биде пријавен и да сноси последици. Знаете дека минатата недела, во еден ден имавме два случаи на спречување корупција, по пријавување од страна на граѓаните и преку соработување – и двата случаи беа реализирани”, порача Спасовски.