Спомен обележје во чест на загинатите припадници на македонската полиција во „Диво насеље”

Сподели

 

Денеска, во рамки на одбележувањето на 22 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, во кругот на СВР Куманово од страна на министерот Оливер Спасовски во присуство на семејствата на загинатите припадници од ЕБР и САЕ Тигар, највисокото раководство на МВР, СВР Куманово, претставници на МПС, претставници од Општина Куманово, политички партии, колеги и претставници од Одделот за специјални полициски операции, беше откриено Спомен обележје во чест и вечен спомен на загинатите припадници на македонската полиција кои ги положија животите во 2015 година, во вооружена престрелка со терористичка групација во кумановско „Диво насеље”, а во одбрана на Куманово и на татковината.

По откривањето на спомен обележјето од страна на министерот Спасовски делегациите и присутните оддадоа почит кон загинатите припадници на македонската полиција и положија  свежо цвеќе на Споменикот подигнат во нивна чест и сеќавање.

Во своето обраќање пред присутните, министерот Спасовски потсети на кумановските настани од 2015 година.

 

„Никогаш нема да се заборави оној кобен мај 2015 година, кога осуммината припадници на МВР овде, во Куманово, го покажаа врвот на патриотизмот, жртвувајќи ги своите животи во вооружениот терористички напад во ,,Диво насеље”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека ништо не е исто после тој ден, за семејствата, за другарите и колегите од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и од Единицата за брзо распоредување чии припадници беа.

„Бидејќи болката никој не може да ја залечи, а длабоката почит кон нив останува засекогаш. Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ се нашите херои кои го дадоа својот живот за нешто поголемо од себе. А нема ништо поблагородно од жртвувањето на животот за својата татковина. И знам дека ова знаме на јарболот, наше, македонско не се вее од ветрот, туку од последниот здив на секој наш припадник кој загинал, чувајќи го!”, рече министерот Спасовски, потенцирајќи дека спомен обележјето е направено заедно со Македонскиот Полициски Синдикат.

 

„Денеска сме тука за да им оддадеме посебна почит и со оваа спомен плоча, која ја направивме заедно со Македонскиот полициски синдикат како паметник на нивната големина, храброст и жртва, како обележје дека хероите живеат вечно! И тоа токму на Денот на Единицата за брзо распоредување, за дел од нив нивниот втор дом… Ова спомен обележје нека ја пренесе пораката за длабока почит, љубов кон татковината, мир и соживот за сите идни генерации. Споменот на нашите херои никогаш да не биде избришан од меморијата на времето. Хероите живеат вечно – нека им е вечна слава!”, рече министерот Спасовски.