Средба Џафери – Ердоган: Турција со поддршка за интеграција на Македонија во НАТО

Сподели

Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Талат Џафери, во рамките на официјалната посета на Република Турција, во Анкара, се сретна со претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.

Претседателот Џафери изрази благодарност за реализирањето на средбата и задоволство од интензитетот на посетите на највисоко ниво, што претставува можност Република Македонија и Република Турција да го потврдат традиционалното пријателство и да ја зајакнат долгогодишната успешна соработка.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган ја нагласи поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, како и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија. Тој подвлече дека Турција беше една од првите држави што ја призна нашата земја под нејзиното уставно име, таа прва отвори амбасада и назначи амбасадор во земјата. Истовремено, турскиот претседател се осврна на потребата за интензивирање на економската соработка, реафирмирајќи ја заложбата годишната трговска размена меѓу Турција и Македонија да се искачи на една милијарда долари.

На средбата стана збор и за потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот, при што беше нагласено дека Република Македонија го осуди обидот за државен удар во Турција и ги поддржува демократски избраните институции. На крајот од средбата, заеднички беше нагласено значењето на меѓупарламентарната соработка и парламентарната дипломатија за билатералните и мултилатералните односи, во однос на унапредувањето на политичкиот дијалог и зголемувањето на динамиката на севкупната соработка меѓу земјите.