Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Зузана Михалцова Шутиакова, раководителка на Одделението за Западен Балкан при Европската служба за надворешни работи.
Во фокусот на разговорот беа европската перспектива на Република Северна Македонија, тековниот процес на приближување кон Европската унија, како и актуелните безбедносни и стабилизациски предизвици во регионот. Министерот Муцунски ја нагласи неопходноста од континуирана безбедност и сигурност на Западен Балкан како предуслов за напредок на сите држави од регионот, потенцирајќи ги последиците што произлегуваат од постоечките пречки на патот кон полноправно членство во ЕУ.
Министерот го истакна силниот фокус на државата кон реформските приоритети и Планот за раст, како и континуираната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика. Во таа насока, беше потенцирано дека заедно со потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана со Европската унија, овие чекори претставуваат јасен доказ за доследната посветеност на Северна Македонија на европскиот пат. Дополнително беше истакнато дека државата е лидер во регионот во однос на имплементацијата на реформската агенда.
Во рамките на средбата беа разменети мислења и за актуелните регионални и глобални геополитички случувања.
