Средба на Комисијата за европски прашања со Делегацијата од Баварија

Сподели

Членовите на Комисијата за европски прашања имаа денеска средба со Делегацијата на Парламентот на Баварија, предводена од Герхард Хоп, член на Комисијата за Европа во овој регионален парламент во Сојузна Република Германија.

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП), Игор Здравковски, ја поздрави  баварската Делегација, во  чиј состав се вклучени и стопанственици,  притоа истакнувајќи дека Германија, како земја предводник на европското обединување е значаен партнер во напорите на нашата земја за  членство во Европската Унија.

Здравковски се осврна и на надлежностите на КЕП, нагласувајќи дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи да работи  посветено во остварување на стратешката цел на државата за интегрирање во ЕУ.

Во име на баварската Делегација, Хоп посочи дека за Баварија, како и за Германија во целина, е мошне важно да оставрува контакти со сите земји од регионот на Западен Балкан, со кои, како што рече, негуваме добри историски, културни и лични односи. Како претставници на регионален Парламент, рече Хоп, добро знаеме колку е битна регионалната соработка и затоа имате целосна поддршка да бидете дел од европското семејство. 

Истакнувајќи го фактот дека Германија е наш клучен политички поддржувач и најголем трговски партнер, присутните на средбата се согласија  дека двете земји имаат мошне добра соработка и во делот на економијата и образованието, иако, како што заклучија, секогаш има простор за дополнително продлабочување и интензивирање на односите во сите области.