Денеска, претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, оствари средба со Народниот правобранител, г. Насер Зибери, по повод предавањето на Годишниот извештај за работата на Народниот правобранител на Република Северна Македонија за 2020 година. На средбата присуствуваше и г-ѓа Сузана Салиу, заменичка на Народниот правобранител.
Во текот на средбата се разговараше за прашања од работата и надлежностите на Народниот правобранител и други актуелни состојби, прашања и активности. Народниот правобранител Зибери зборуваше за кадровските прашања во институцијата која ја претставува, за природата и бројот на поднесените претставки кои граѓаните ги доставуваат со намера на остварување и заштита на нивните граѓански права како и за влијанието на пандемијата со Ковид – 19 во природата на поднесените претставки и работата на институциите.
Претседателот Џафери изрази интерес за состојбите и содржината на Годишниот извештај на Народниот правобранител и информираше за работата на Собранието, за актуелните цели и активности.
На средбата се констатираше дека односот на институциите Народен правобранител и Собрание на Република Северна Македонија е добар, ефикасен и коректен во однос на Годишниот извештај, претседателот Џафери истакна дека пратениците ќе бидат информирани навреме и следствено, се очекува и отпочнување на собраниската процедура за разгледување на Извештајот и усвојување на препораките што ќе произлезат од него.