Средба на Џафери со претседателот на собранието на Турција, Шентоп

Сподели

 

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Мустафа Шентоп, претседател на Големото национално собрание на Република Турција, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија со група пратеници. На средбата присуствуваа потпретседателите на Собранието, Горан Мисовски и Фадил Зендели, претседателот на Пратеничката група за соработка со Собранието на Турција, Бејџан Илјаз и генералната секретарка Цветанка Иванова.

 

 

Претседателот Џафери изрази задоволство од повторната посета на претседателот на Големото национално собрание на Турција, која се совпаѓа со одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. Тој оцени дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција се на највисоко ниво и се одвиваат по нагорна линија, особено на политичко, економско и културно ниво, а добрите и пријателски односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарната соработка.

 

 

Претседателот на Собранието се заблагодари за континуирана поддршка што Република Турција ѝ ја дава на Република Северна Македонија, пред сè на полето на одбраната, внатрешните работи и членството во НАТО. Тој информираше за најновите настани во врска во европската интеграција, изразувајќи надеж дека наскоро ќе бидат надминати разликите и ќе се пронајде начин да се отвори патот на Северна Македонија за членство во ЕУ.

Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп истакна дека РС Македонија има особено значење за Република Турција, нагласувајќи дека Турција го подржуваше секој нејзин чекор на меѓународен план. Тој нагласи дека, односите меѓу Турција и Северна Македонија добиваат нова димензија по членството на земјава во Алијансата, каде што продолжуваме да соработуваме како сојузници. Турција и понатаму останува силен подржувач на интегрирањето на Република Северна Македонија во Европската унија.

Претседателот Шентоп се осврна на претседавањето на Република Турција со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и информираше за претстојните парламентарни активности во рамките на турското претседателството. Воедно, упати честитки за полноправното членство на нашата земја во Организацијата на Црноморската економска соработка.

Претседателите на двете собранија разменија мислења за последиците, начините и мерките за справување со пандемијата со КОВИД-19 и функционирањето на парламентите под посебни заштитни протоколи. Претседателот Џафери ја поздрави солидарноста на Турција во борбата со пандемијата и се заблагодари за добиените турски донации со помош за справување со здравствената криза.

Претседателите Џафери и Шентоп изразија задоволство што меѓусебната трговската размена не се намалила за време на пандемијата, што покажува дека економските односи се засновани на солидна основа. На средбата стана збор и за борбата против тероризмот и поддршката што парламентите ја даваат на владите на овој план.

Соговорниците изразија заложби за понатамошно унапредување и зајакнување на соработката во сите полиња и надеж за продлабочување на одличните меѓупарламентарни односи.