Претседателот на Владата Оливер Спасовски, имаше средба со амбасадорот на Француската Република во земјава, Кристијан Тимоние.
Упатени се честитки до премиерот Спасовски за назначувањето на позицијата.
На средбата е констатирано дека Република Северна Македонија многу постигна на домашен и на меѓународен план и дека се движи во вистинската насока во однос на интеграциите. При тоа, изразена е надеж дека преодната Влада ќе се фокусира на обезбедување фер и демократски избори, како и очекување дека ќе продолжат реформските процеси со активно темпо, како придонес на позитивен развој на процесите.
„Владата ќе работи динамично. Посветени сме да продолжи напредокот во сите можни сегменти. Нашата определба се функционални институции, активно вклучени во реформските процеси, во интерес на сите граѓани и на интеграциските процеси на државата. Покажавме дека договореното се почитува, преодната Влада беше формирана согласно политичкиот договор, како и законските и уставните услови, без никакви проблеми и ова е доказ дека нашиот политички и институционален систем функционира добро. Ќе продолжиме со политиките на дијалог што придонесуваат кон добра клима во државата. Општите и државните интереси мора да бидат во прв план кај сите политички субјекти. 2020 година е значајна година за граѓаните на нашата држава, поради остварувањето на полноправното членство во НАТО, но подеднакво важни за нас се и европските интеграции. Очекуваме дека 2020 година ќе го направиме најдоброто во пријателството помеѓу нашите две држави и дека тоа ќе функционира на високо ниво“, рече премиерот Спасовски.
На средбата е заеднички посочено како важно функционирањето на правдата, правдата да важи подеднакво за сите, да нема застарување на случаи. Премиерот Спасовски ја нагласи определбата за охрабрување на Судскиот совет и на другите надлежни институции да придонесат во функционален правосуден систем. На средбата е изразена согласност и дека Законот за јавно обвинителство е од голема важност во правосудните реформи.
На средбата на премиерот Спасовски со амбасадорот Тимоние е разговарано и за можностите за унапредување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република.