Претседателот Џафери, посакувајќи му успешен амбасадорски мандат на новоименуваниот британски амбасадор, Н.Е. Метју Лосон, го истакна задоволството од одличната соработка со Британската амбасада, како и посветеноста во негувањето на нашите силни релации во речиси 30-годишен период на воспоставени дипломатски односи.
Од аспект на парламентарната соработка, даде осврт на долгогодишната соработка со Вестминстер Фондацијата за демократија (WFD) која се одвива преку проектите насочени кон јакнење на капацитетите на собраниските комисии, собраниската служба и политичките партии, а во насока на обезбедување на ефективно спроведување на клучните функции на Собранието. Претседателот Џафери посочи дека пратеничките групи за соработка формирани во двата парламента имаат воспоставено редовна комуникација, преку посети и размена на искуства од парламентарното работење и се очекува оваа соработка во иднина да се интензивира и збогатува.
Актуелната воена состојба во Украина, предизвиците по мирот и светската стабилност во целина, наметнаа и посилна кохезија меѓу НАТО сојузниците, ние како земја-членка на НАТО остануваме посветени на вредностите на Алијансата и во тој контекст високо ја вреднуваме билатералната соработка во одбраната меѓу Обединетото Кралство и Република Северна Македонија како мошне значајна, интензивна и од бенефит и за двете држави и за НАТО, истакна Џафери. Со вчерашната ратификација на пристапните протоколи на Шведска и Финска кон Северноатлантскиот договор, претседателот Џафери подвлече дека нашето Собрание испрати јасна и недвосмислена поддршка на овие две пријателски држави во нивните аспирации за членство во НАТО, за што амбасадорот Лосон искажа големо задоволство, особено од постигнатиот висок консензус при самото гласање.
Амбасадорот Лосон се заблагодари на овозможената средба, како прва по предавањето на акредитивите, со што се акцентира неговата професионална, но и лична определба за воспоставување и одржување на континуирани релации со Собранието, преку активен ангажман на сите нивоа. Ги истакна неговите три амбасадорски приоритети: безбедноста, Нато партнерството и поддршката на државните институции во овие области; просперитет, трговија и инвестиции и формирање на Трговска комора на Обединетото Кралство и Република Северна Македонија; поддршка на реформските процеси на земјата, особено на планот на евроинтеграцијата. Како четврт, личен приоритет, ја посочи културата, јазиците, животните стилови и взаемното почитување на богатството на културните особености. Изрази подготвеност од тесна соработка и поддршка на комуникацијата меѓу групите за соработка во двата парламента и изрази очекување на реализацијата на планираните посети во наредниот период.
Во текот на средбата претседателот Џафери го запозна амбасадорот со проектите за подобрување и јакнење на капацитетите на Собранието, кои се реализираат преку Вестминстер фондацијата, швајцарската Влада, Бундестагот, Жан Моне, а стана збор и за тековните и идните активности на Собранието во контекст на скрининг процесот со ЕУ. Беа разменети мислења за одржување и надградување на развиената економска и трговска соработка, поголеми британски ивестиции во Република Северна Македонија и соработка и во другите области од општествен интерес.