ССК и „Тиквешки семејни винарии“ на традиционално закројување на винова лоза во Кавадарци

Сподели

 

Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски и потпретседателот Горан Ѓорѓиевски учествуваа на традиционалното закројување на винови лози на настан организиран од здружението „Тиквешки семејни винарии“ во атарот на селото Ресава, Општина Кавадарци. На манифестацијата беа присутни голем број на производители на вино и други традиционални производи од грозје, највисоки претставници на државните институции и голем број на љубители на вино кои имаа можност да ги дегустираат производите.

„Вино со врвен квалитет во ограничени количини, одбрани сорти грозје и долгогодишна традиција на производство се главните адути на виното произведено од малите семејни винарии што ги прави уникатни и многу важни за развој на винската индустрија во нашата земја. Препознавајќи го овој потенцијал Сојузот на стопански комори како деловна мрежа им дава ветар во грб на активности на малите винарии преку нивна промоција во земјава и странство, како и застапување на нивните интереси. Посакувам оваа година да биде успешна за лозаропроизводителите со производство на квалитетно грозје, винариите да прават квалитетно вино и целиот труд да го добие биде награден со соодветен приход“, истакна Ангелоски.

 

 

Тој потенцираше и дека во изминатиот период постигнато е унапредување на окружувањето во кое работат малите семејни винарии, обезбедени се финансиски мерки за нивна поддршка и дека во таа насока треба да се продолжи и во наредниот период со допрецизирање на подзаконските акти.

Сојузот на стопански комори на Македонија и здружение „Тиквешки семејни винарии“ минатата година потпишаа Меморандум за соработка со цел воспоставување на меѓусебна тесна координација, планирање и реализација на активности за застапување на интересите на малите винарии, нивно позиционирање на извозните пазари и промоција.

Меморандумот предвидува соработка за лобирање и застапување на интересите на малите семејни винарии пред сите домашни и меѓународни организации и институции; поддршка во развојот на вина од македонски автохтони сорти и унапредување на извозот на вино во шишиња; заеднички настап на извозните пазари; поддршка во градење препознатливост на вината на малите семејни винарии на регионалните и меѓународните пазари, активности за промоција и развој на вински туризам.