Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски оствари официјална посета на Општина Стара Пазова, Војводина, како дел од делегација предводена од градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски. Посетата се реализираше со цел воспоставување на поблиска соработка меѓу општините и меѓу бизнис заедниците со цел унапредување на локалниот економскиот развој.
“Општините се најблиску до граѓаните, ние имаат најголемо познавање на нивните потреби и најдобри согледувања за тоа како да се надминат предизвиците. За да може да постигне забрзан и одржлив развој неопходно е поинтензивно да се работи на развивање на локалната економија. Општина Стара Пазова е еден од најдобрите примери за привлекување на странски инвестиции и во партнерство со Општина Гази Баба тоа искуство може да го пренесе и во нашата земја. Воспоставеното партнерство на локалната самоуправа отвора и пат и за поголема соработка на бизнисите и за привлекување на инвестиции“, истакна Ангелоски.
Делегацијата од која беше дел и претседателот на Бизнис клубот на ССК во Гази Баба Богослав Ангелоски оствари посета на неколку индустриските капацитети во Стара Пазова меѓу кои компанијата „Стамевски“ чии сопственици се по потекло од Македонија, германската компанија за авионски делови MTU, како и компанијата „Транфери“ која се занимава со транспорт и логистика. „Стамевски“ е топ бренд компанија во Србија за производство на торти и колачи, со повеќе од 300 вработени. MTU е германската инвестиција вредна околу 100 милиони евра и во првата фаза се планира отворање на 500 нови работни места. „Трансфери“ е реномирана логистичка компанија која се занимава со транспорт и логистика. Пред претставниците на компаниите од Стара Пазова беа презентирани инвестициските потенцијали со кои располага Општина Гази Баба.
На средбите претставниците на бизнис заедницата и на локалната самоуправа идентификуваа повеќе можности за продлабочување и унапредување на соработката и развивање на партнерство, преку заеднички инвестиции, вложувања и проекти. Градоначалникот Стефковски потпиша меморандум за соработка со градоначалникот на Стара Пазова Ѓорѓе Радиновиќ, а беа разменети искуства за развојните потенцијали и можности, како и за идна соработка на неколку полиња култура, образование, спорт и ЕУ фондови. Општина Стара Пазова поинтензивно се развива во последните 10 години благодарение на развивање на бизнис окружување поволно за инвестирање преку воспоставување на едношалтерски систем за добивање на потребната документација што овозможуваат големи објекти да бидат завршени во период од девет до 12 месеци. Во општината има и добра инфраструктура како и земјиште по поволна цена.
Стара Пазова се наоѓа во автономната покраина Војводина и преставува една од економски најразвиени општини во Србија. Во Стара Пазова деловна активност остваруваат 1.000 приватни компании, 3.000 претприемачки продавници и голем број на странски компании. Посебен придонес во нејзиниот економски развој има и нејзината место полoжба, бидејќи се наоѓа меѓу два автопата Белград – Будимпешта и Белград – Загреб. Во општината се лоцирани неколку индустриски зони а најзастапени индустриски дејности се металопреработувачка индустрија, преработка на пластика, гума и на дрво.