ССНМ: Осуда за заканите со тужби од Гечев кон Лупевска

Сподели

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници ССНМ, изразува најостра осуда и протест поради директните закани кон новинарката Снежана Лупевска Созен и телевизија „Телма“ искажани вчера за време на интервјуто на „Топ тема“ од страна на сопственикот на „ИГМ трејд“, Илија Гечев, се вели во соопштението на ССНМ.

Во него се додава дека јавната закана дека Лупевска ќе биде повеќекратно тужена, со ангажирање на „најдобри и скапи“ адвокати не е многу поинаква од закана за физичка пресметка.

„Методите можеби се разликуваат во зависност од позицијата, воспитувањето и економската моќ на заканувачот, но целта е иста – да се замолчи новинарот и  да се обесхрабри раководството на медиумот да протежира истражување на прашање од јавен интерес“, се вели во соопштението на ССНМ.

“Сега јавноста имаше можност во живо да се увери на каков третман се изложени новинарските екипи кога истражуваат случаи во кои се инволвирани лица кои се доживуваат, а и де факто имаат третман на моќници. ССНМ јавно бара од Стопанската комора на Македонија да организира обуки на своите членки каде тие ќе бидат дополнително едуцирани за слободата на изразување, општествената одговорност и јавниот интерес. Затоа што се покажува дека чувството за јавен интерес и општествената одговорност се право пропорционални со  моќта. Само на тој начин новинарите ќе можат без притисоци и закани да ја извршуваат својата работа, а компаниите да го задржат својот интегритет и да научат да се носат со општествена одговорност“, се додава во соопштението.