СТАВ: Мерсел Биљали – БЕЗ НЕРВОЗА

Сподели

 

 

“Јас немам дилеми дека ќе добиеме преговори, утре или задутре, како што немам дилеми дека тие ќе бидат со многу построга методологија од досегашната. Нашата држава исполни тешки задачи, и тука мора да следи наплатата. Реално, проблемот не е во внатрешните реформи во ЕУ и во стагнацијата на истите во Македонија. Тоа е чисто магла. Ако вистина се посакуваат реформи кај нас, тие многу поуспешно би можеле да се прават во процес на преговарање.
Проблемот е внатре во самата Франција. Факт е дека Макрон после поразот на европските избори на пролет од десничарката Марин Ле Пен, е во паника и прави голема грешка кога сака да го заземе тој евроскептичен простор на Ле Пен. Тука таа со години е оригиналот, а Макрон е имитацијата, а никој не сака имитација ако му се нуди оригиналот. Второ, Макрон како бившиот банкарски службеник на „Rothschild & Cie Banque“, уште ги лиже раните од револуционерните „жолти елеци“, структура која многу му помогна нему да се смести во Јелисејската палата, но мошне брзо беа разочарани. Залудно бара друга компензација облекувајќи туѓи тесни одела.
Затоа ние треба да останеме со ладна глава. Позитивна одлука ќе мора да има поради многу поважни геополитички интереси. Наводната непопустливост на Макрон е само слабо глумење во лош театар. И со одлука, факт дека ЕУ е уморна од проширувањето и нормално ќе и треба време да се опорави. Преговорите со новите држави ќе можат да потраат долги години, можеби повеќе од десетина години.
Дотогаш кај нас како единствени жители би можеле да бидат само спомениците на Груевски. Затоа, потребно е под хитно да се изреагира за да се спречи ваков невиден егзодус. Спасот е во регионалното интегрирање на државите од Западен Балкан во вид на економска и царинска унија, со што видно би се зголемувале економските перспективи на овдешните шест држави. Пазарот од 20 милиони луѓе сепак поинаку ќе дише, а меѓувремено државите ќе ги зајакнуваат конкурентските капацитети што се важен услов за ЕУ.”

СТАВ:Мерсел Биљали