ЖЕНЕВА (АА) – Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан Де Мистура, изјави дека конструктивниот дијалог и позитивната атмосфера помеѓу дипломатските делегации на Русија и САД се исклучително важни за Москва од аспект на спречувањето на воздушните напади и покренување на политичката транзиција во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
По денешната седница на работната група на ОН за хуманитарни прашања во Женева, Де Мистура одржа заедничка прес-конференција со генералниот секретар на Норвешкиот совет за миграции, Јан Егеланд, кој воедно претседава и со седниците на Меѓународните групи за поддршка на Сирија.
Де Мистура нагласи дека третата рунда на мировни преговори во Сирија мора добро да биде подготвена за да се дојде до „убедлива” мапа за правецот на политичка транзиција во Сирија.
Истакнувајќи дека во Москва траат состаноците на дипломатите на Русија и САД, Де Мистура изјави дека позитивната атмосфера на тие состаноци е исклучително важна за спречување на сомнителните воздушни напади во Сирија, но и за пронаоѓање на формулата за политичка транзиција.
На барањето на новинарите за коментар на неодамнешните обвиненија во однос на неговата работа кои ги упати шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, Де Мистура рече дека пораките на Лавров ги сфаќа сериозно и го разбира неговото нетрпение поради долгиот процес на решавање на сириската криза.
„Ние никако не ја занемаруваме нашата работа и не сме мрзливи. Во тек се техничките состаноци. Ние сме подготвени и сакаме да почнеме преговори, но потребна ни е силна поддршка на двајцата челници со цел преговорите да бидат ефикасни. Не сакаме и оваа рунда да заврши како Женева 2. Ќе видиме што ќе се случи во Москва, а се надевам на постигнување на целокупен договор и напредок”, изјави Де Мистура.
Егеланд изјави дека хуманитарната помош е доставена до 62 отсто од жителите во сириските градови под опсада.
Истакнувајќи дека денес се обидува да се пробие хуманитарниот конвој до регионот Ал Ваер во Хомс, Егеланд рече дека и во Мадаја може да се повтори хуманитарната драма доколку хуманитарната помош не биде итно доставена.
„Сега е затворен и патниот правец Кастело кој се користеше за влез и излез од источните делови на Алепо во кои живеат 200.000 луѓе. Тоа би можело да стане најголем регион под целосна опсада”, предупреди Егеланд.
Претставничката на Светската здравствена организација (СЗО) за Сирија, Елизабет Хоф, ги обвини силите на сирискиот режим дека продолжува од хуманитарните конвои да ја иззема медицинската опрема и лековите.