Поради воениот притисок на екстремистите од Исламска држава, во 2016 година Европа била мета на масовни терористички закани, стои во извештајот на Стејт департментот за тероризам и се додава дека заканите и понатаму се присутни.
Во извештајот се наведува дека Исламска држава и понатаму е на врвот на организациите кои извеле најмногу напади. Сепак, и покрај тоа што ИД минатата година извршила напади во повеќе од 20 земји и е сè уште активна во Ирак, Сирија, Авганистан и во Пакистан, како и организациите што ѝ се лојални, како што е Ал шабаб во Африка, вкупниот број на терористички напади во светот во 2016 година е намален за 9 отсто во споредба со 2015 година. Бројот на смртните случаи во терористички напади минатата година е намален за 13 отсто.
Во делот од извештајот за Македонија се наведува дека македонските власти проценуваат дека членови и симпатизери на ИД и понатаму има во земјата. Стејт департментот потсетува дека Македонија во 2016 година спровела три различни антитерористички акции, од кои една била во координација со властите на Албанија и на Косово, што довело до апсење на 23 лица во Албанија, Косово и во Македонија.
„Владата во март усвои национална стратегија за антитероризам. Во стратегијата има дел посветен за заштита од насилен екстремизам, но не постои посебна национална стратегија за борба против насилен екстремизам и за заштита од него. Владата состави национален акционен нацрт-план за антитероризам и во ноември го достави на разгледување до Европската комисија. Сепак, во акциониот план недостигаат ознаки за имплементација, процена на финансирањето, како и механизми за надзор и за евалуација“, стои во извештајот.
Стејт департментот наведува дека потребно е да зајакнат капацитетите на Македонија за детектирање и за спречување терористички акти без меѓународна поддршка. Во извештајот, исто така, се наведува дека на земјата ѝ недостига правна рамка за борба против перење пари и финансирање тероризам, како и криминализација на финансирањето на тероризмот, а нема ни јасни механизми за имплементирање на мерките од ОН. Како посебен проблем се наведува и тоа што земјата има премногу комплицирана регулатива за замрзнување и за конфискација на терористички средства, која се темели на судска пресуда. Според Стејт департментот, Македонија има агенција за управување со запленети средства, но таа има ограничен капацитет и активности и потребни се дополнителни обуки.