Стенд ап шоу со Мишо Бабиќ

Сподели

На 4ти мај со почеток од 21 часот во Јавна Соба (Public Room) Скопје ќе има свој стенд ап настап насловен како Скопје-Beograd, Македонецот кој живее и работи во Србија, Мишо Бабиќ.

Билети се продаваат на платформата на www.zlatenzab.mk

Две шестини од Југославија доаѓаат да ве насмеат, или макар заедно да се распаднеме.
Ако сакате апстрактен хумор, халуциногени фори и игри со зборови, ова ќе биде супер шоу за вас.
Ако сте фанови на мејнстрим смешки, па дојдете и вие, што има везе. После можете да зборите дека било кринџ.

Мишо Бабиќ е комичар од Скопје кој живее во Белград. Македонски ма заборавено, а српски никогаш не научил. На кој јазик збори, размишља и сања веќе ни сам не знае. Со своите демони порано се соочуваше со дрога и глупости, а сега ги изнесува на бина. Вие со нив што ќе праите не знае и не го интересира.

Njegov kolega Miso Babic je to sve isto, samo na srpskom.

Мишо Бабиќ е роден и израснат во центарот на Скопје (не е битно дека е центар, ама зошто да не се пофали). Средно школо учеше на англиски јазик за да студира во странство, па на 18 години се пресели за Белград, бидејќи тоа е најдалеку што мајка му можеше да му дозволи. Таму заврши Факултет за Организациони Науки, смер Информациони Технологии, а за тој подвиг му требаа кратки седум години. Сепак, после дипломирањето направи одлука дека не сака да има пари, и место програмер стана стенд ап комичар. 

На 31ви јануари, 2018та година, учествуваше на вечер на отворен микрофон во организација на standup.rs, каде го освои завидното четврто место. Со оглед на тоа дека само првите три места добиваат прилика да продолжат со настапи, се спреми да си ги спакува метафоричките куфери и да ја заврши својата стендап кариера, ама боговите на хуморот му се насмејаа, организаторите се смилуваа, па и на него му дадоа прилика да дојде на работилниците. 

Од тогаш има настапувано стотици пати, највеќе на српски во Белград (и други српски градови како Пожаревац, Младеновац, Крушевац, све тоа што завршува на „ац“, Сомбор, Бор, Рума, Бања Лука, итн), ама и во Скопје на македонски (на фестивалот Гола Месечина), во Прага и Варшава (и Белград) на англиски, и дури еднаш на руски, иако тој јазик не го ни зборува. Читаше од тетратка фори кои колегата Русин му ги преведе од англиски, за сега да може да се фали дека настапувал на четири јазици. 

Што, да не ќе проверува некој дали читал? Четири години по ред беше и водител на една од попрестижните манифестации во регионот, македонските ТвитерНагради, таканаречената „Дрвена Бубамара на Анонимноста,“ каде со право го нарекуваа Сашко Коцев од АлиЕкспрес (и ова пак е некако повеќе навреда за Сашко отколку за него).

Во неговиот хумор, освен апстрактни халуцинации и игри со зборови, се провлекуваат разни теми од неговиот живот – машко/женски односи, фамилијарни драми, (зло)употреба на дроги, ментални (и други) болести, и, секако, како е тоа да се биде Македонец во Србија, а Србин во Македонија.

извор фотографии Златен Заб и Мишо Бабиќ