Столтенберг: Македонија за неколку недели станува членка на НАТО

Сподели

 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Загреб на прес-конференција со претседателот Зоран Милановиќ објави дека Македонија ќе стане членка на Северноатлантската алијанса за неколку недели, заблагодарувајќи се на Хрватска за поддршката.

„Го поздравуваме фактот дека Хрватска е силен поддржувач на политиката на отворени врати на НАТО. И наскоро, за неколку недели, С.Македонија ќе стане 30-та членка, што укажува дека нашата врата останува отворена“, рече Столтенберг на прес-конференцијата по средбата со Милановиќ.

Хрватскиот претседател истакна дека неговиот „стар познаник и пријател“ Столтенберг бил првиот висок  гостин на Пантовчак во неговиот нов мандат, потсетувајќи дека неговата дипломатска кариера започнала во тој сојуз.

Фокусот на разговорите бил ставен на учеството на хрватските трупи во мисиите на НАТО, но исто така се разговарало и за предизвиците со кои се соочува светот во моментов.

Осврнувајќи се на неодамнешниот договор меѓу САД и Талибанците за мир во Авганистан, кој треба да доведе до повлекување на западните сили од земјата, Столтенберг повтори дека патот кон мирот е „тежок“, но дека треба да се задржи  посветеноста.

„Кога ќе дојде моментот и сите услови ќе бидат задоволени, ќе заминеме заедно“, рече Столтенверг на прес конференцијата во Загреб.