Сторителите на полесни кривични дела ќе извршуваат општокорисна работа во ЈП на Град Скопје

Сподели

Со денешното потпишување меморандум Градот Скопје и Управата за извршување санкции ги поставија основите на меѓусебна соработка за јакнење на казнено- поправниот систем и пробациската служба.

Градот Скопје со дел од своите јавни претпријатија и културни установи се вклучува во создавањето услови за примена на формите и механизмите за хуманизирање на казнувањето. Притоа, сторителите на полесни кривични дела, за кои е пропишана казна затвор до 3 години или парична казна, ќе добијат втора шанса што ќе резултира со намалување на затворската популација. Во таа насока, по потпишувањето на овој меморандум Управата за извршување санкции преку својата локална пробациска канцеларија ќе склучи договори со јавните претпријатија „Паркови и зеленило“, „Улици и
патишта“, „Водовод и канализација“, „Комунална хигиена“ и „Градски паркинг“, како и Зоолошката градина. Со овие договори ќе се овозможи извршување на општокорисна работа од осуденото возрасно лице согласно со пресудата на Основниот суд – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Обврските на осуденото лице при извршување на општокорисната работа ќе бидат усогласени со индивидуалниот план и програма изготвени од Пробациската служба. Притоа, личноста и достоинството на осудените лица ќе бидат почитувани, а ќе бидат преземени и сите мерки за заштита при работа, согласно со општите
прописи.

Град Скопје ќе овозможи надзор над исполнувањето на обврските на лицата при извршување на мерката општокорисна работа од овластен пробациски службеник од локалната пробациска канцеларија и од Секторот за пробација на централно ниво од Управата за извршување санкции. Верувам дека со овој чекор Градот директно ќе излезе во пресрет и на овие наши сограѓани во насока на целосна заштита на човековите права согласно со меѓународните стандарди во третманот на затворениците. Секако, вршењето на општокорисната работа ќе биде од полза и во делот на зголемувањето на човечкиот потенцијал кој секогаш е добредојден за ефикасна реализација на секојдневните активности на јавните претпријатија
– додаде Шилегов.
Директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, денеска рече дека овој чин е многу важен за заживување на пробациската служба во нашата земја.