Студентите од трите студентски домови во Скопје, „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски Питу“ и „Гоце Делчев“, ќе бидат ослободени од плаќање на мартовската партиципација за сместување и исхрана во домот.
Одлуката минатата недела ја донесе управниот одбор на Државниот студентски дом ,,Скопје“, кој управува со трите студентски домови, состанувајќи се на електронска седница. Таа се однесува периодот на сместување од 1 до 11 март, кога поради новиот коронавирус, беа затворени сите студентски домови, а студентите се вратија во своите домови.
Одлуката, се правда и со фактот што на почетокот на оваа студентска година, студентите се вселија две недели подоцна во домовите, во месец септември 2019 година, иако за тој месец ја платија целата месечна сума за сместување.
Како што појаснува Дарио Николовски, директорот на ДСД „Скопје“ за Радио МОФ, на студентите кои веќе ја платиле мартовската партиципација ќе им бидат вратени парите. Тој додава и дека, како претседател на Здружението на директори на училишните и студентските домови, ќе препорача и другите студентски домови да ја донесат оваа одлука, со оглед на тоа што многу семејства се погодени од кризата предизвикана од коронавирусот.
Инаку, како што претходно информираа од ДСД „Скопје“, периодот додека се затворени студентски домови, студентите немаат обврска за плаќање партиципација.