„Студентски пленум“ ја напушти седницата на УКИМ, откако им беа исклучени микрофоните

Сподели

ukim

Четворицата претставници на „Студентски пленум“ ја напуштија седницата на Ректоратот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ на која треба да се избира нов ректор, откако им беше одземен зборот и им ги исклучија микрофоните. Тие се побунија против одлуката на комисијата за верификација на Сенатот, да ги верификува мандатите на десетте претставници на Студентскиот парламент при УКИМ (СПУКМ), тврдејќи дека тие се нелегитимни.

– Ова е срам за УКИМ. Оваа ситуација се нарекува „Она што е пред нашите нозе не го гледаме“. Ова е страшна ситуација, не верував дека ќе дојде до ова. Ова што се случува на најстариот универзитет, на УКИМ, е срамно – рече Деа Здравковска од „Студентски пленум“.

Професорката од „Професорскиот пленум“, Маја Стевановиќ, рече дека со нелегитимните претставници на СПУКМ е загрозено функционирањето на УКИМ.

– Се обидувам да ги предупредам колегите од опасноста противзаконски да бидат верификувани мандати на луѓе кои не треба да бидат членови на овој Сенат и ќе гласаат. Ова ќе предизвика правни последици ретроактивно. Загрозен е УКИМ. Ова може да предизвика страшни верижни последици – рече Стевановиќ.

Ректорот Велимир Стојковски тврдеше дека нема законска надлежност да интервенира во изборите за студентски претставници.

Под точка „разно“ на седницата ќе се формира комисија која ќе ги преиспита проблемите, но откако ќе се избере ректор, за што процедурата е во тек.

Откако претставниците на „Студентски пленум“ ја напуштија седницата, збор зедоа двајцата кандидати за ректор на УКИМ, професорите Никола Јанкуловски и Ненад Новковски.

Професорот Јанкуловски, сегашен декан на Медицинскиот факултет, рече дека многу работи на УКИМ можат да бидат унапредени, а дека автономијата на Универзитетот неколкупати била нарушувана.

– Да се застане на чело на УКИМ, претставува предизвик за секого. Нашиот универзитет е со голем кадровски потенцијал. Секогаш треба да се стремиме она што може да биде подобро, да го направиме подобро. Сметам дека треба работите да бидат унапредени, можеме да разговараме за автономијата на универзитетот и за слободната мисла на универзитет, која се нарушувала во некои моменти – рече Јанкуловски.

Професорот на Природно-математичкиот факултет, Ненад Новковски, рече дека УКИМ треба да се спротистави на политичките и на олигархиските влијанија.

– Сметам дека можам да дадам придонес за УКИМ, кој се наоѓа во тешка состојба предизвикана од многу фактори. Треба спротиставување на политичките и на олигархиските влијанија. Треба да се обезбеди автономијата. Ние сме овде професори, главната работа не е бројчето на пријавата, туку кое знаење ќе го покаже студентот на испитот. Очекувам дека како професори и ќе одлучите. УКИМ има задача да постигне големи резултати, јас ќе застанам цврсто зад привлекување ресурси кои некој сега не сака да ги вложи – вели Новковски.

Претходно „Студентски пленум“ издејствува присуство на нивни четворица претставници на седницата и присуство на медиуми откако го блокираа влезот на Ректоратот.