„Студентски пленум“: На суд ќе кажете кој издаде наредба за прекумерна употреба на сила

Сподели

ukim

Студентите од „Студентски пленум“ побараа одговор кој издал наредба за употреба на сила без правна основа за припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и оклопни возила синоќа да се распоредат пред седиштето на СПУКМ, каде што членовите на Студентскиот парламент ги заклучија кутиите од гласањето за избор на претседател.

На денешниот протест пред зградата на СПУКМ, членовите на „Студентски пленум“ рекоа дека припадниците на безбедносните сили употребиле прекумерна сила за да го ослободат просторот пред СПУКМ каде студентите неколку часа чекаа да се изнесат кутиите во кои се наоѓаа ливчињата од гласањето. Во турканицата со полицијата, некои од студентите добиле и лесни телесни повреди.

Стоејќи пред полицијата, која и денеска ја обезбедуваше зградата на СПУКМ, студентите јавно ги прашаа дали штитат криминалци и тепаат студенти кои бараат правда.

 

– Бараме одговор од старешината на ЕБР кој издаде наредба за тепање на студентите. Го повикуваме министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, и старешината на Единицата за брзо распоредување да не тепаат поради прекршување на Закон за јавна чистота. Одговорот ќе го дадете на суд каде што ќе одговарате за употреба на сила без правна основа. Вашата униформа значи должност и обврска да ги штитите граѓаните и да ги спроведувате Уставот и законите, а не да тепате деца – порача Ивана Туфегџиќ од „Студентски пленум.“

Тие потсетија дека при вчерашното гласање за избор за претседател на Студентскиот парламент, пријавиле неправилности, односно кражба на кутии и на избирачки материјал.

Демонстрантите фрлија неколку јајца на зградата на СПУКМ, од каде што се упатија кон УКИМ.

На протестот вечерва поддршка на студентите дадоа нивните родители, здруженија, како и „Шарената револуција“.

Ректорската управа на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) закажа вонредна седница за понеделник, со почеток во 8 часот.

meta.mk