Судот во Стразбур пресуди земјава да исплати отштета на Роми малтретирани од полицијата

Сподели

 

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во корист на двајца Роми, кои во 2014 година биле малтретирани од страна на полицијата во Скопје. Двете лица, кои тогаш имале 16 односно 13 години ќе добијат надомест на штета во износ од 7.500 евра поединечно, објави Европскиот центар за права на Ромите, кој ги застапуваше двете лица пред Судот во Стразбур.

Судот во Стразбур во донесената пресуда досудил дека македонското МВР не спровело ефикасна истрага по обвинувањата на двајцата Роми дека била применета полициска бруталност кон нив. Имено, инцидентот се случил на 19 мај 2014 година, кога припадници на тогашната единица „Алфи“ барале двајца силеџии кои нападнале и ограбиле 20-годишна жена. Патролата ги пресретнала и нападнала двајцата Роми, при што привеле еден од нив. Лицето во полициската станица Центар било тепано неколку часа, а под закана, тој потпишал признание дека ја украл рачната чанта.

По инцидентот, од полицискиот инспекторат негирале било каков престап сторен од страна на службениците, изјавувајќи дека полицајците не ги пречекориле своите овластувања. Подоцна истиот месец, двајцата Роми, поднеле кривична пријава до Јавниот обвинител, поддржани од Европскиот центар за права на Ромите и Хелсиншкиот комитет за човекови права против четворица полициски службеници, кои биле вклучени во инцидентот. До декември 2017 година, немало никаков напредок за казнување на службениците.

Откако немало казнување за случајот, двајцата Роми поднеле поединечни граѓански тужби, кои стигнале и до Апелацискиот суд во Скопје, каде тужбите исто така биле одбиени, по што тужителите се одлучиле да ја бараат правдата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

мета.мк