Судски совет: Мешањето на Мицкоски во судството е опасно за демократијата

Сподели

Судскиот совет оцени дека судската власт како една од трите власти е самостојна и независна и секое мешање од другите власти може да биде опасно за демократијата и владеењето на правото, порачуваат од Советот по најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нивна цел е да го распуштат овој состав на Советот и да направат реформа.

„Судскиот совет не се впушта во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено, Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ“, изјавија од Судскиот совет за „Слободен печат“.

Свесни сме за состојбите во судството, додаваат оттаму, за нивото на доверба и за сето што како недостаток му се става на товар на судството.

„Критиките ги прифаќаме. Меѓутоа, исто така убедени сме дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите кои ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и тие само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите кои Судскиот совет ги презема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза. Само тогаш кога политичарите кои доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот кој останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување на нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат“, порачуваат од Судскиот совет.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и очекуван иден премиер, Христијан Мицкоски, вчера повтори дека нивна цел е да го распуштат овој совет, како и Советот на јавни обвинители.