“Неоправдано долго, девет месеци, го чувал предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ судијата известител во Апелацискиот суд, Енвер Беџети, е заклучокот до кој дојде работната група на Судскиот совет, која беше формирана за да го проучи постапувањето на апелациските судии по контроверзната одлука за укинување на пресудата за „Таргет-Тврдина“, во кој, меѓу другите, беше осуден сашо Мијалков на 12 години затвор.
Поради неажурноста сега постои опасност овој случај за Мијалков да застари. А и на 23 декември, кога работната група од Судскиот совет била во посета на Апелација, писмената пресуда уште не била изработена.
Работната група од Судскиот совет заклучил дека нема вистински образложени причини зошто поминал толку долг период од јавната седница до донесување на одлуката. А тоа е сериозна повреда на Законот за кривична постапка. Судскиот совет едногласно ги усвои овие заклучоци
Тања Чачарова-Илиевска, која беше дел од работната група, им ја објасни на членовите на Судскиот совет нивната работа и заклучоците до кои дошле:
„Работната група констатираше дека е изминат период од девет месеци од денот на завршување и одржување на јавна седница до донесување и објавување на одлуката 05.12.2022 година. Сметаме дека нема образложени причини за изминување на толку долг период од завршување на јавната седница до објавување на одлуката. Сметаме дека се создадени услови за евентуално застарување на оваа постапка, што е сериозна повреда, поради непочитување на роковите за донесување на одлуката. Побаравме објаснување од судијата известител. Како причини за оваа состојба беа наведени големиот број на предмети и тоа вообичаено тешки предмети од висок јавен интерес, кои според Акмис системот му биле распоредени на судијата известител. Тоа е факт. Но она што го констатиравме е дека од сите предмети кои му биле распоредени во работа на судијата известител, единствено ‘Таргет-тврдина’ е незавршен предмет“, рече таа. Според неа судијата Беџети завршувал предмети што му биле доверени и од многу понов датум, но тој за Мијалков стоел во фиока.
Чачарова-Илиевска наведе и други детали што ги открила работната група. „Симптоматично е во сите изјави се наведува дека од денот на одржување на јавната седница до донесување на одлуката членовите се состанувале, меѓутоа од податоците кои се доставени за предметот, утврдивме дека нема запис за состанување на членовите на судечкиот совет“, нагласи таа. Сите судии кои одлучувале по овој предмет, имале мандат и немало пензиониран судија во моментот донесување на одлуката.
Во судечкиот совет кој ја донесе оваа одлука беа судиите Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева, Лидија Чачева.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, по презентирањето на извештајот на работната група рече дека тој е целосен и дека ирелевантно е дали имало оправдани причини за изминувањето на долгите периоди.