Судскиот совет на итна седница за случајот „Таргет – Тврдина“

Сподели

 

Судскиот совет денеска ќе одржи седница, на која ќе расправа по изнесените информации во јавноста за постапувањето на Апелациониот суд Скопје по предметот познат како „Таргет-Тврдина“, како и по други предмети од интерес за јавноста кои се на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, во врска со одлуката на Апелациот суд Скопје со која беше укината првостепената пресуда и предметот „Таргет – Тврдина“, во писмена изјава до медиумите најави дека денеска во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија, а Судскиот совет согласно своите надлежности, ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и за констатираната фактичка состојба и дека ќе ја информира јавноста.

– Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката, во смисла на ажурно постапување, и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија, вели во писмената изјава Дамева.

Премиерот Ковачевски изрази разочарување во однос на овој судски случај, и дека случајот само ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем. Притоа, подвлече дека како Влада ниту се мешале, ниту ќе се мешаат во судската власт, односно во судството со оглед дека судството и правосудството не се место за политичка борба и политички натпревар.

И претседателот Стево Пендаровски изрази шокираност од одлуката на Апелацискиот суд да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, во која поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

-Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата, објави на официјалниот фејсбук профил претседателот Пендаровски.
 

За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК,  Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.