Во Кинотека на Македонија денеска во 12 часот ќе се одржи доделување на „Златниот објектив“ за 2024 година, на доајенот на филмската уметност Столе Попов.
– Ова признание Попов го добива за својот исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија – како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, влијателен и конструктивен во градењето на културните политики за развој на домашниот филм, соопшти Кинотека на Македонија.
По доделувањето на наградта „Златниот објектив“ за 2024 година, Попов ќе говори за своето филмско творештво и работно искуство преку разговор, кој ќе биде модериран од Илинденка Петрушева, познат филмски критичар, автор и истражувач на историјата на македонската и светската кинематографија.
Вечерва пак, во 20:00 часот ќе се одржи проекција на играниот филм „Тетовирање“ (1991).
По проекцијата на филмот Столе Попов ќе одговара на прашања на публиката во Q&A сесија модерирана од Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков, режисери од помладата генерација и некогашни студенти на Попов кога тој беше професор на Факултетот за драмски уметности.
Оваа година Кинотеката ќе воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“ наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист. Доделувањето на признанието за неговиот придонес во развој на кинотечната дејност ќе се одржи денеска во Кинотеката.