На 1 јуни, со почеток во 20:30 официјално се отвора Главната програма на 12. Филозофски филмски фестивал.
Најпрво публиката ќе има можност да ужива во музички перформанс на Бранко Фолтин, а потоа да го погледне филмот „Додека трае војната“ (While at War) на Алехандро Аменабар, во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје.
БРАНИСЛАВ НИКОЛОВ (Бранко Фолтин) е музички перформер, автор и пејач во групата Фолтин. Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Со Љубов“, “Cash & Marry” и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка. За својата работа досега е повеќепати наградуван. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија и објавил две поетски збирки („Креветизам и хоризонтала“, 2018 и „Срчки“, 2020).
ДОДЕКА ТРАЕ ВОЈНАТА (Mientras dure la guerra / While at War, 2019)
реж. Алехандро Аменабар / Alejandro Amenábar, ЕS/AR, 107’
реж. Алехандро Аменабар / Alejandro Amenábar, ЕS/AR, 107’
Онлајн воведно излагање на проф. д-р Алисиа Вилар Ескудеро (Alicia Villar Escudero) и филмска анализа на Серхио Фернандез (Sergio Fernández), Шпанија
Оваа историска драма во режија на Алехандро Аменабар е базирана на вистински настани кои се случуваат во првите месеци од Шпанската граѓанска војна, во летото 1936 година, кога националистите излегуваат на улиците на Саламанка за да се спротистават на новата левичарска влада. Мигуел де Унамуно, филозоф, писател и ректор на Универзитетот на Саламанка јавно ја поддржува воената интервенција на генералот Франциско Франко верувајќи дека тоа ќе му стави крај на хаосот во Шпанија. Откако еден по еден неговите колеги се обвинети и затворени, Унамуно верува дека може да го употреби своето влијание за да влијае за ослободување на колегите. Иако е мудар и искусен, доцна сфаќа дека неговата земја влегува во фашистичкото мочуриште од кое нема да може да излезе следните неколку децении…
Филмот беше прикажан на Меѓународните филмски фестивали во Торонто, Сан Себастијан, Стокхолм, Токио, Солун и Москва и доби неколку награди Гоја (главни годишни национални филмски награди во Шпанија), како и повеќе други награди