СВЕТОТ СЕ ДВИЖИ КОН ХАОС – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

   Мерсел Биљали

Низ историјата, пандемиите предизвикувале двојни трагедии – масовно убивање луѓе, и уривање на светски поредоци. Пандемијата наречена „Црна смрт„ изби во Кина (1334 година), и многу брзо се прошири низ светот и уби над сто милиони луѓе, ама ја распадна и тогашната најсилна монголска империја. Таа болест во Европа усмртила над половина од севкупната нејзина тогашна популација, но  доведе и до европска експанзија за колонијализам, а и до уривање на феудалниот систем.

Во 1918 се појавил „Шпанскиот грип“ кој заразил околу 40 насто од светската популација и убил над сто милиона луѓе низ светот. Токму оваа пандемија во Европа доведе до појава на фашизмот и Волстрит хаосот во 1929 година, познат по име „Голема несреќа“ (Great Crash). Тогаш колабирала Њујоршката берза и настана големата светска депресија што доведе до Втората светска војна. Крајот на Втората светска војна доведе до ООН како важен светски фактор за мирот и развојот. Тешката економска криза во СССР доведе до распад на оваа држава и пад на системите во голем број социјалистички држави. После дваесет години американски униполаризам се случи 11 септември 2001, што доведе до бројни војни во име на глобалниот тероризам. Потоа следеа вирусите САРС, Птичји грип, Свински грип, Ебола итн, но светот изгледа добро се снаоѓаше сѐ до појавата на САРС-КОВ-2 кој доведе до општа парализа во целиот свет. Се случуи „Трета светска војна“ без ниту еден куршум. Само со невидлив биолошки агенс.

Во 1972 година, Едвард Лоренц создал метафора – „Ефект на пеперутка“ (дека мавтањето со крилја на пеперутка во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас). Пола век подоцна се случи вирус десетина милиона пати помал од пеперутката и создаде торнадо во целиот свет. Фантастични теории на хаосот стана практика! Направи пустош по развиениот свет. И кога тој свет помисли дека воспоставил контрола над вирусот, тој силно почна да го напаѓа третиот свет, чии држави имаат ептен слаби здравствени ресурси. Тоа може да доведе до дупли хаос во планетарни размери, оти развиените земји немаат веќе кондиција за да помогнат. Тоа може да доведе до невиден масовен бран мигранти, пад на системи, инсталирање на диктатури и многу војни.

 Трговска војна меѓу САД и Кина

Деновиве како бомба одекна изјавата на Трамп дека воведува санкции против 33 кинески компании, наводно поради кршењето на правата на Ујгурите (што, рака на срце Ујгурите на Трамп му значат помалку од ланскиот снег). На списокот на санкции е и Научниот институт за судски науки при Министерството за безбедност на Кина. Но, изгледа тоа е само тактика на измислување напријател пред претседателските избори, каде Трамп претендира втор мандат, но сега со видно послаба позиција. Многумина велат дека оваа пандемија и катастрофалното лошо снаоѓање на администрацијата на Трамп со неа, се сериозен удар за угледот и моќта на Америка. Кај домашната и светската јавност созрева мнение дека САД не е веќе семоќна. Трамп тоне додека мисли дека плови со сите едра. Кога не гледате во даличината, тагата ви е на потпетиците. Кисинџер со право јавно потенцира дека САД покрај тоа што треба да ги штитат своите граѓани од епидемијата, тие мора да дејствуваат брзо за да испланираат нова ера. Тој истакна дека на Соединетите држави им е потребна активна и визионерска влада за да помогне во надминувањето на огромните светски проблеми. Но, ексцентричниот и експлозивниот Трамп, првин го игнорираше вирусот, за потоа да бара лекарие ширум светот и да ги остават пациентите во своите држави за да дојдат во САД, затоа што американските пациенти биле поважни!

И земјите од третиот свет, се сѐ поблиску до општ банкрот заради јавниот долг, воглавно кон западните банки. Во растечкиот хаос во тие држави, можно е сѐ. Од диктатури, преврати, војни, востанија, окупации на туѓи територии итн. Во услови кога Соединетите држави се свртени кон себе, кога ЕУ е слабо функционална, кога Русија е во блокда, кога Кина ја гледа само економијата и трговијата – тешко е предвидливо што сѐ во овие трети земји може да се случи.

Факт е дека на меѓународниот поредок по Студената војна, САД силно и стоеше позади. Таа дури ги диктираше правилата на играта во светот преку разни институции и организации како што се Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Светската трговска организација, НАТО и Г8. Другите земји генерално сакаа да станат дел од тој систем, прифаќајќи ја американската превласт. Тоа истовремено значеше доминација на американските вредности. Дури и Москва се зачлени во СТО, па се приклучи на Г8 и соработуваше со НАТО како земја-партнер.

Интересно, деновиве „Le Mond“ напиша дека „Макрон е последниот вистински поборник за мултилатерализам во ООН и во светот и посочува дека светската здравствена криза предизвикала „радикални промени во нашето геополитичко опкружување“. „Светскиот поредок мора да биде преиспитан и реорганизиран“, пишува овој весник, истакнувајќи дека Обединетите нации се парализирани. Францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да организира состаноци на лидерите на пет земји – постојани членки на Советот за безбедност на ООН со цел што поскоро да се договорат за заеднички чекори за борба против пандемијата. Оваа средба на лидерите на најмоќните земји „би требало да му покаже на светот дека тоа се лидери кои се во можност да излезат од сегашното однесување на „секој за себе“ и да соработуваат во борбата против коронавирусот“, пишува парискиот весник. Интересно е што само пред осум месеци Макрон оценил дека НАТО е пред клинична смрт, а ЕУ е на работ на амбисот. Толку од неговиот анти-мултилатерализам! Среќата не можете да ја купите со тие пари што сте ги добиле од продажбата на моралот.

Од друга страна, Русија економски видно е ослабена првенствено поради историскиот колапс на цените на нафтата на светски пазар. Токму поради тоа и авторитетот на Путин е многу паднат. Диктаторите не си дозволуваат толку лесно да тонат, па и ова состојба претставува голема закана за регионалниот мир и безбедност. Познато е дека диктаторите полесно би започнале војна отколку да ја загубат власта. Таа веќе не се надева многу на врските со земјите на БРИКС, АСЕАН и Кина.

Деновиве пак Панкај Мишра за „Bloomberg“ напиша дека вирусот повторно ќе ја врати силната држава. А тоа е најголемата закана првенствено за ЕУ чии членки егоистички делуваа за време на корона кризата. Оттука, не се без основа очекувањата за зајакнување на сувернитетските тенденции меѓу државите членки на ЕУ, што би било катастрофално за Унијата. Тука паднаа на испит и левичарите и десничарите. А кој ќе ја пополни празнината?! Тоа е многу тешко прашање во услови на дарвинистички пристап кон глобалните проблеми. Желбата за спасување стана силна национална религиозна молитва, но никако и глобална.