Светски ден на Ромите 8. април и 50 години од првиот Ромски конгрес

Сподели

 

Во пресрет на утрешниот Светски ден на Ромите 8-ми април и одбележувањето на јубилеј 50 години од првиот Ромски конгрес од 1971 година, денеска на претставниците на ромската заедница им честитаа и се обратија претседателот на Владата Зоран Заев, првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, и пратеничката Љатифа Шиковска. 

 

 

Со денешниот настан се одбележуваат големи јубилеи и годишнини, запишани со златни букви во историјата на Ромскиот народ од целиот свет:  50 години од одржувањето на Светскиот конгрес на Ромите; 31 година од прогласувањето на 8 април за Светски ден на Ромите од страна на Обединетите Нации и 20 години од впишувањето на Ромите во Уставот на нашата земја, изјави премиерот Заев. 

„Тоа се низа значајни настани кои се карактеризираат со храброст, достоинство, доверба и сила во постигнувањето на целите од Стратешките определби за Ромите и светската заедница на народите, во кое посебно место има за остварувањето на овие цели во нашата земја. Ромите во нашата земја имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот“, рече премиерот Заев и додаде дека Владата продолжува со интегративни и афирмативни мерки во постигнувањето на Стратешките определби за Ромите, кои како што рече Заев се и државни цели. 

„Имаме политичко преставување на Ромите во Владата, во мојот кабинет, во Парламентот, во институциите. Политичкото преставување на Ромите и пропорционалната застапеност треба да продолжи да се рефлектира и во останатите ешалони на централната и локалната власт“, истакна премиерот.

Премиерот истакна дека во тековната 2021 година, за имплементација на Стратегијата на Ромите и Стратешките планови од приоритетните ресори за директни, таргетирани и генерални политики се планирани околу 1 милион евра. 

„Тоа е win-win ситуација и за нас како Влада. Ромите се нашиот потенцијал, како во работна сила која треба да се стимулира и да расте, така и во делот на отворање на бизниси, кој што за нас како држава значат и зголемен прилив на даноци. Во новиот оглас за полицајци Роми имавме и апликации од Ромската заедница, и сите кои што ги исполнуваа пропишаните услови се примени во новата генерација.

Со новиот Оперативен план за активни мерки за вработување имаме и таргетиран пристап за ромската заедница и во рамките на целиот опфат се планирани се 565 лица или 10% од вкупниот број на корисници во пет програми за активација на пазар на труд.

За прв пат оваа Влада креира долгорочна мерка за економско зајакнување на ромската заедница преку таканаречен Мечинг фонд за претприемништво за Роми. Креираме револвинг фонд од 2 милиони евра за кредит со поволна каматна стапка за ромските претприемачи за формализација на нивната дејност и унапредување на бизнисот“, објасни премиерот Заев.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби истакна дека целите на првиот Ромски конгрес со кои Ромите ја утврдија химната и азбуката, и стекнаа право да бидат еднакви во општеството без дискриминација, не се само обврска, туку и конкретна заложба на Владата. 

„Аспирациите за еднакви права и достоинствен живот се пред сѐ заложба за градење инклузивно општество во земјата. Без оглед на составот, програмите, различните идеологии, фокусот и интересот остануваат непроменети, дури и волјата и ентузијазмот остануваат во целосен и постојан капацитет и се посветени на исполнување на препораките, критериумите и обврските што произлегуваат од ратификуваните универзални декларации и договори за нашата стратешка определба за полноправно членство во Европската унија. Со Националната стратегија за Ромите за постојан развој во социјалната, економската и политичката сфера, особено во областа на заштита од дискриминација и расизам, вклучувајќи пристојно домување, образование и здравствени услуги, не само што ќе се решат проблемите во овие области, но значително ќе придонесеме за искоренување на сиромаштијата“, истакна Груби. 

Пратеничката Љатифа Шикоска се осврна на успехот после децениски напори во донесувањето на Закон за неевидентирани лица матична книга на родените со што се решаваат проблемите на 680 граѓани Роми, и изрази благодарност за заложбите и одвојувањето на буџетски средства за имплементација на проекти од областа на образованието, инфраструктурата, домувањето, легализацијата на живеалиштата, вработувањето, еднаквата и правичната застапеност на Ромите, особено на жената Ромка, во сите сфери на општеството.

На настанот преку видео конференциска врска присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за образование и наука Мила Царовска, заменик-министерот за правда Агим Нухиу и вработени од Министерството за внатрешни работи и Министерството за транспорт и врски, заедно со претставници  на граѓански организации и политички партии кои ја застапуваат ромската заедница во земјата.