Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, денеска првпат по излегувањето од тримесечниот куќен притвор се појави на јавен настан. На улицата Широка на битолски Баир, Талески присуствуваше на инфраструктурен проект и се поздрави со дел од новинарите, а другите ги заобиколи. Тој призна дека од дома ја водел Општината и дека немало никаков застој во реализацијата на проектите, туку напротов бил во постојан контакт и со фирмите изведувачи на прокетите.
– Многу луѓе тука си правеа полемики, па дури ги предизвикаа од СЈО да дојдат уште еднаш и да проверат што работиме, иако и тие го имаа истото решение. Значи, ви тврдам дека апсолутно во изминатите три месеци немаше никаков застој во делот на проектите и на реализација на програмата изгласана од Советот на Општината. Целата администрација будно, 24 часа, беше во контакт со мене, јас комуницирав со нив. Се разбира, комуницирав и со голем дел од изведувачите – изјави Талески.
Градоначалникот најави дека ќе продолжи со сите проекти што ги зацртал за реализација.
Талески помина три месеци во притвор како првоосомничен во случајот „Транспортер“. На 20 септември Апелацискиот суд му ја укина мерката притвор и тој има обврска двапати во неделата да се јавува во Основниот суд во Битола.