Талевски на состанок со Вселенскиот патријарх Вартоломеј

Сподели

На покана на Генералниот секретар на Интерпарламентарното Собрание на Православието (ИПС на Православието), шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ИПС на Православието, пратеникот Миле Талевски, на 14 септември 2024 година присуствуваше на состанокот со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во Истанбул, Туркије.

На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочува денешнината, споменувајќи ја агресијата на Русија врз Украина, конфликт кој покрај тоа што има силно геополитичко влијание, претставува конфликт меѓу два народа со православна вероисповед. Беше нагласена потребата да се промовира заедништвото, толеранцијата и соживотот, бидејќи поделбите не прават послаби и го уназадуваат човештвото.

Се разговараше и за одбележувањето на 1700 години од одржувањето на Првиот Вселенски собор одржан во Никеја, денешен Изник, Туркије. 

Првиот вселенски собор се одржал во 325 година, бил свикан од Светиот цар Константин Велики и е првиот Вселенски собор на Христијанската Црква.

Состанокот со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј се одржува во соработка со координативниот Комитет од Иницијативата „Велигден Заедно 2025“, каде што членува и ИПС на Православието.

На средбата, пред Вселенскиот Патријарх Вартоломеј беше претставен и новиот претседател на Генералното Собрание на ИПС на Православието Јоан Вулпеску, кој е пратеник во Парламентот на Романија. Дел од Делегацијата на ИПС на Православието беа и пратеници од парламентите на Грција, Кипар и  Србија кои исто така се дел од ИПС на Православието.

На состанокот му претходеше литургија за празникот на Воздвижение на Светиот крст во црквата „Свети Георгиј Победоносец“, во Фанар, Истанбул која ја служеше Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. 

* Интерпарламентарното собрание на Православието (ИПСП) е политичка меѓународна организација, интерпарламентарно тело, формирано по иницијатива на парламентот на Република Грција во 1993 година, со седиште во Грчкиот парламент во Атина, кое брои 25 земји-членки и соработува со ИПУ, ПС на Медитеранот, ПАБСЕК, Парламентарната унија на Организацијата за исламска соработка и Пан-Африканскиот парламент.

Во контекст на новата историска и политичка реалност и промените кои настанаа во почетокот на деведесетите години со падот на комунизмот во југоисточна Европа и Договорот од Мастрихт, учесниците на основачката Конференција “се согласија дека е потребно поголемо присуство и влијание на православието како заеднички религиски и културен израз на огромен број европски граѓани што ќе придонесе за обликување на современата, посткомунистичка Европа”.

Самата цел на организацијата е да развие повеќеслојна политичка и културна активност во насока на поттикнување на контакти и проширување на односите на доверба, разбирање на современите политички феномени и општествените трендови и истакнување на елементите на православието како позитивно влијание на меѓусебното разбирање меѓу културите. Двата столба на кои се заснова ИПСП се: од една страна одбрана на независниот парламентаризам и од друга страна ширење и консолидирање на принципите и вредностите на Православната христијанска традиција. Во основа секоја активност на ИПСП е фокусирана на оние кои страдаат.