Медиумите почнаа да одбројуваат колку дена се исчезнати Горан Грујевски и Никола Бошковски, двајцата обвините за повеќе кривични дела чиј веќе одреден притвор ја отслика гротеската на правосудниот систем во Македонија. Кривичен суд, Апелациски суд, Врховен суд, МВР… сите кој повеќе кој помалку во овој случај како и во многу други, прописно се обрукаа. Уште еднаш сме речиси неми сведоци на трагични сознанијата колку лесно и без никакви последици, баз влакно да му фали од главата на никој, може да се подрива општествениот поредок. Партиските и лични инсталации на ВМРО-ДПМНЕ и на фамилијата во судството успеаја од јавноста да направат безлична аморфна маса која не може да ја осознае стравичната несреќа што значи да се живее во земја каде делители на правда го прикриваат криминалот и ги амнестираат осомничените за тешки кривични дела.
Таков гнилеж владее во правосудниот систем на државата што од палатите на правдата се шири неподнослива реа на партизирани и корумпирани обвинители, судии и полицајци… Македонскиот правосуден систем е како усмрдено биено сирење, постојат илјада дупки озаконето да се попречува правдата, да се гази најчуствителниот дел од функционирањето на една, одамна требаше досега да биде, современа демократска држава. Носечките кадри во правосудниот систем на државата не ја знаат сериозноста на состојбата и големината на одговорноста што ја имаат кога стануваат соучесници во заштита на осомничени лица. Или, пак, тоа ептен добро го знаат до последен цент – колкава е цената за тоа. Толку е гнило што и кога сакаат нашите носители на правдата да бидат професионални и чесно да работат по словото на законот, тоа не можат да го одработат бидејќи толку е озаконета злоупотребата на власта во правниот систем што спречувањето на правдата се претворило во легална категорија која може да го носи името: Илјада начини како да се оневозможи владеењето на правото.
Ете на пример, телефонирајте му на претседателот на Врховниот суд на Македонија, господинот Трајче Трајчевски, и прашајте го дали знае што значи Врховен суд на една држава и каков е патот на еден судија во било која европска земја да стаса до претседател на Врховен суд. Правниот гение Трајче, кој ги поминал сите скалила на правосудниот систем пешки и напишал десетици томови научни книги за развој на правото, борбата против организираниот криминал, нарушување на човековите права и слободи и десетина учебници по кои го формирале своето знаење за правото повеќе генерации студенти, магистри и доктори на науки, ќе ви каже дека сега кога е на годишен одмор не може да одговори на толку чуствителни прашања. Особено не по телефон. Ајде ви се молам, какви се тие прашања дали претседател на Врховен суд, поранешен и сегашен, знае што значи Врховен суд. Исто како да прашате фурнаџија дали знае што е фурна и зошто служи. Сосема друго е ако прашате некој тенекеџија како се меси леб и како се ложи фурна. Ако го прашате Трајче дали чуствува некакава одговорност во врска со избеганите осомничени Грујевски и Бошковски, чиј притвор безмалку беше телевизиски пренесуван во живо, господинот Трајчевски ќе ви одговори со прашање: А, кој кажал дека се исчезнати? Има ли доказ за тоа? За некој да биде прогласен за исчезнат треба да поминат години и години.
Добро де, се извинуваме господин Трајчевски, станува збор за избегани кои уредно го најавија своето бегство и на јавноста и на судот и на полицијата.
И тоа не е точно вели Трајчевски. И Грујевски и Бошковски не избегаа. Тие се на службен пат. Не станува збор за никакво бегство, или исчезнување, туку само оправдано отсуство. Ете погледнете го случајот со господинот Кочан и ќе видите дека кај нас службен пат е законска категорија на спреченост да се оди во притвор. Така е и со Грујевски и со Бошковски, прашање само на денот е кога ќе се вратат од службен пат – ќе ви објасни ептен правно претседателот на Врховниот суд на Македонија Трајче Трајчевски, кој е целосно самостоен и независен од никој и кој дојде на тоа место поради својата стручност и голем авторитет меѓу македонските врвни правници. Не знам дали некој верува во ова, ама штом никој не демантира, значи точно е. Конечно, што има Врховниот суд врска со тоа што некој не завршил во притввор. Си има други надлежни кои треба да ја завршат работата која Врховниот само малку ја попречил,онака ан пасан, на минување.
Е сега, кога ќе помислите што сè е направено за преземање на институциите на системот и како тие преку партиската кадровска политика се заробени, ќе ви стане јасно за каков монструм се работи кој е хранет со човечки трагедии сите овие изминати 11 години. Секој човек во Македонија, кој имал блиска средба со судот, а ја немал ДПМНЕ за адвокат, може да ви раскаже тажна приказна како е изгубена довербата на граѓаните во комплетниот судски систем.
Уште колку ќе и треба на новата власт да ја согледа својата одговорност што, исто така, станува соучесник во попречувањето на правдата и во уривањето на општествениот поредок, во деградацијата на парламентарната демократија. Соучесник се станува и со непреземање мерки кои се пропишани во вакви ситуации и според уставот и според законите. И уште една порака за новото парламентарно мнозинство: и задоцнетата правда е голема неправда. Некогаш и поголема.