Демократскиот сојуз ја пренесува изјавата на пратеникот и претседател на партијата Павле Трајанов, во врска со предлог измените на Законот за лична карта:
“Предложените измени на Законот за лична карта, со кои се предвидува покрај другите податоци (име и презиме, датум и место на раѓање, единствен матичен број, државјанство и сл.), да биде впишана и етничката припадност, се против граѓанскиот концепт на државата, можат да предизвикаат дискриминација на граѓаните и да ги повредат нивните индивидуални и колективни права.
Така, на пример, при идентификација со лична карта во банка, суд, полиција или во друга државна или јавна институција, се презентира и етничката припадност, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак (народите наведени во Уставот на РСМ, но и други етникуми), што навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина значи нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа и различен третман, како и поларизација и дискриминација. Во иднина некој може да побара во личната карта да се впише и религиската определба, како и други карактеристики и обележја за секој поединец или колективитет, чие изложување може сериозно да ги наруши приватните и колективните права на граѓаните. Во предлог законот нема компаративни податоци и анализи, нема образложение зошто се предлага ваква измена.
Овој податок што ќе се внесува во личната карта ќе значи и можност за пребројување по етничка припадност и по тој основ ќе има можност за поделби, затворање во етнички гета, нарушување на еднаквоста пред законите и институциите, расправии, нетрпеливост, омраза, па дури и физички пресметки.
Без разлика што сите партии застапени во Собранието досега немаа забелешки (некои еуфорично ги прифаќаат измените), сугерирам уште еднаш да се преиспитаат овие измени кои треба да се вградат во документ за идентификација, во кој воопшто не се важни податоците за етничката припадност, освен ако не се „предвидува“ во иднина стекнување предност и права поврзани со етничката припадност. На пример, ако возиш над дозволената брзина, а, да речеме, си Французин, ќе добиеш казна од 200 евра, додека ако си Турчин – 500 евра!? Тоа го посочувам за да се види апсурдноста на овие промени кои пратениците наскоро ќе ги гласаат”, изјави лидерот на ДС, Павле Трајанов.