Трајанов: Нецела страница добивме, мислам дека е тоа несериозен и неодговорен пристап

Сподели

 

 Претседателот на Собранието Талат Џафери не може ова да го прифати како информација, зашто не ги задоволува деловничките критериуми за Собранието да може да расправа, изјави Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз, во врска со Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на земјава  со Европската Унија која Владата вчера ја прати во Парламентот.

-Не е упатно пратениците да немаат вкупен материјал пред себе, за да може да разговараат, а Владата чека поддршка. Сугерирам Информацијата да се обликува како што треба согласно Деловникот и во прилог да бидат трите документи – Предлог-заклучоците на Советот на Европа, воведната изјава на Советот на ЕУ и Преговарачката рамка. И независно од тие три, мора сите да го видиме Протоколот кој е усогласен, можеби веќе одобрен од министетствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија, бидејќи во тој Протокол се содржани клучните елементи на кои се обврзува Македонија. Нема потреба да се крие од јавноста, да се отвори расправа за него, зашто тоа е пакет на документи што во основа треба да ги спроведува Република Македонија, независно оваа или некоја следна влада, истакна Трајанов на прес-конференција.

Лидерот на Демократскиот сојуз рече дека неговата партија се залага за расправа во Собранието, а претходно да се подготват заклучоци кои ќе бидат прифатливи за сите, посебно за ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека е клучно дали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се усогласат околу предлог-заклучоците во кои ќе бидат интегрирани сите барања прифатливи за сите и тие да бидат донесени со општ консензус. Во спротивно, рече, неговата партија нема да учествува во собраниска расправа.

-Не верувам дека би било во ред Парламентот да донесе заклучоци со надгласување ако нема поширок консензус помеѓу пратеничките групи, односно политичките партии. Ние нема да учествуваме во расправа во Собранието ако претходно не се договорат заклучоци кои ќе бидат прифатливи. Тоа да биде обврска на Владата, таа да направи обид овие сугестии да ги имплементира, да разговара со Бугарија, со ЕУ, веројатно и со САД, да направат обид за кореккции на Преговарачката рамка, изјави Трајанов.

Лидерот на Демократски сојуз рече дека од повеќе извори добил, како што рече, коментари, дека вчера имало  „обиди или подготовки за рушење на Владата“, дека тие информации ги разгледувал и државниот врв, но смета дека веројатно се работи за шпекулации.

-Читам по медиумите и порталите дека бил спречен државен удар во текот на вчерашниот ден, јас немам изворни информации дека имало подготовка за државен удар односно пад на Владата. Колку што имам информации, немало такви подготовки, но тоа не можам да го потврдам. Се надевам релевантни информации имаат службите и дека Владата ќе биде информирана за сите овие коментари во јавноста кои можеби се само шпекулација, рече Трајанов.