Голем дел од политичките партии немаат прикажано расходи за комунални и за комуникациски услуги, како и расходи за превоз и транспортни услуги, покажува извештајот на „Транспарентност Македонија“, која врши надзор на трошењата од буџетите и на политичките партии во предизборниот и изборниот процес.
– Осум политички партии немаат прикажани расходи за комунални услуги и за греење, а исто толку партии (коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, коалиција ВМРО за Македонија, коалиција Алијанса за Албанците, ПДП, ЛП, ДПА) немаат прикажано расходи за комуникациски услуги, кои реално се трошоци. Исто така, голем дел од партиите немаат прикажано расходи за превоз и транспортни услуги, како и за престој во хотелите додека се одржуваат митинзи во другите градови –вели претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева.
Она што паѓа в очи од финансиските извештаи што партиите ги доставиле до надлежните институции е што расходите на СДСМ до денар се совпаѓаат со донациите што ги имаат од членовите, а за ВМРО-ДПМНЕ треба да се види од каде ќе се покрие дупката, односно тоа што расходите им се шестпати поголеми од приходите.
– Она што не може со сигурност да се утврди е колку пари се потрошени за рекламирање на интернет, бидејќи тоа не се плаќа од изборната сметка, туку од картичка. Притоа се прикажува дека некои од партиите имаат прикажано само 10.000 денари за рекламирање на веб-страниците, што не се совпаѓа со ценовниците на тие медиуми кои веќе ги имаат доставено до ДИК и таа сума, според реалната фактичка состојба, е мала – додава Тасева.
Извештајот на „Транспарентност Македонија“ покажува дека во првите единаесет дена од изборната кампања, СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија потрошиле 58.817.400 денари (956.380 евра), а ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија – 55.558.600 денари (903.391 евра).
Овие двe партии најголем дел од средствата ги потрошиле за пропагандни материјали и за реклами на телевизија. СДСМ и коалицијата, за печатење пропагандни материјали, потрошиле 21.560.000 денари (350.569 евра), за реклами на телевизија 16.262.400 денари (264.429 евра). ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за пропаганден материјал потрошиле 22.792.000 денари (370.601 евра), за рекалми на телевизија 13.050.000 денари (212.195 евра).
– ДУИ најмногу средства потрошиле за рекламирање 8.544.000 денари (138.296 евра) и за митинзи 1.250.000 денари (20.325 евра), додека за пропаганден материјал средствата се нула. Коалицијата ВМРО за Македонија, вкупно потрошила 13.544 евра за рекламирање на телевизија, а 2.536 евра за митинзи – изјави Тасева.
Според финансиските извештаи на партиите доставени до наделжните институиции, Тасева вели дека ДУИ најголем дел од донациите ги има од компаниите, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од физички лица и финансирањето засега е во дозволените законски рамки.
Според неа, финансирањето на партиите треба да биде одвоено од финансирањето на кампањата бидејќи станува збор за коалиции, а многу често има прелевање на средства од партиите за финансирање на кампањата.
Во случајот со ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подбра Македонија, пари на изборната сметка се влеваат само од ВМРО-ДПМНЕ.