Транспортот на дел од вакцините против КОВИД-19 ќе се реализира преку УНИЦЕФ

Сподели

 

“УНИЦЕФ се вклучува во делот на склучување на договори и транспорт на вакцините до нашата земја. Подготовката за прием, дистрибуција и вакцинација за Ковид-19 се одвива со одлична динамика. Нашата држава е активирана на три полиња за набавка на вакцина против ковид вирусот, тоа се КОВАКС системот, Европската Унија и директни договори со компаниите Фајзер и Астра Зенека” – Венко Филипче

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вакцинацијата против КОВИД-19 која ги опфаќа подготвеноста на системот, улогата на УНИЦЕФ како Координатор на набавки во COVAX механизмот, директните преговори со производителите и со Европската комисија и земјите-членки на Европската унија.

Во врска со оваа точка Владата го задолжи Министерството за здравство да го извести Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) и УНИЦЕФ (преку претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија и Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ во Женева) дека Владата на Република Северна Македонија донесе одлука услугите поврзани со набавката на вакцини против Ковид-19 во рамки на COVAX механизмот во име на Република Северна Македонија да се вршат преку УНИЦЕФ, врз основа на позитивно мислење на Министерството за надворешни работи и Бирото за јавни набавки дека такво учество на УНИЦЕФ е можно согласно Меморандумот за разбирање помеѓу УНИЦЕФ и нашата земја од 2005 година.