ЦЕЛОКУПНИОТ ПАРТИСКИ И ДРЖАВЕН АПАРАТ ПРОТИВ СЈО! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

 

Мнозинството аналитичари се едногласни дека македонската политичка криза без нејзина правна разврска не ќе може да биде надмината. За таа цел, врз основа на извештајот на Прибе и Пржинскиот договор, пред две години беше формирано Специјално јавно Обвинителство, чија основна задача беше да ги истражи криминалните активности на власта, нотирани во незаконски прислушуваните телефонски разговори. Неговото создавање беше прифатено од четирите најголеми политички партии во земјата, а законски изгласано со големо мнозинство во македонскиот Парламент.

За жал, уште од првиот ден по донесувањето на законот, па се` до денес, СЈО беше изложено на многубројни опструкции и блокади од страна на актуелниот режим, со цел да се оневозможи неговата работа, а со тоа и утврдувањето на кривичната одговорност на сите осомничени учесници во т.н. криминално злосторничко здружение, предводени од поранешниот премиер Никола Груевски. Стана очигледно дека во овој период, централна стратегија на дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ претставува дискредитирањето и оневозможувањето на СЈО да ги извршува своите надлежности, со можност доколку не успее во неговото укинување, тогаш со помош разни политички и правни маневри да го ограничи или докрајчи неговиот мандат, што би довело до прекин на истражниот процес против нејзиниот лидер. Бевме сведоци дека во таа хистерична кампања, покрај партиската централа беше вклучен безмалку и целиот државен апарат и сите други институции кои што на одреден начин влијаеа во торпедирањето на специјалните истраги. Според документацијата на порталот ДЕНЕС магазин, само во текот на минатата година биле изречени во разни јавни настапи на партиски и државни функционери преку илјада критики и напади врз тимот на Катица Јанева, од квалификации за негова неуставност, нестручност, политичка пристрасност кон опозицијата, до обвинување дека работи по странски нарачки и мрачни сценарија за уривање на легитимната власт. Во тој поглед, меѓу жестоките противници на СЈО, освен личности на највисоките ешалони на чело со Груевски, се наоѓаат шефот на државата Ѓорѓи Иванов, претседателот на Собранието Трајко Велјановски, десетина поранешни и сегашни министри, претседатели на највисоки судски инстанци, директори на државни агенции и институции, градски и општински градоначалници. Тука не ги споменуваме провладините печатени и електронски медиуми кои што од ден во ден, од час во час, оркестрирано атакуваат врз позицијата на СЈО, како и разно-разните режимски граѓански здруженија и организации формирани со единствена задача да го бранат криминалот на досегашниот режим и да го сатанизираат функционирањето на специјалното обвинителство. Целиот тој конгломерат од наводни заштитници на уставниот поредок и на државниот суверенитет, фактички е впрегнат со сите сили и средства да се спаси нивниот партиски водач од кривичниот прогон што се подготвува и документира во специјалните истраги.

Во тој контекст, и само во тој контекст треба да се гледа на неизвесноста околу моментните преговори за состав на идната влада: ако веќе Али Ахмети не смее да премине преку поставените услови за судбината на СЈО и пропадне обидот за формирање заедничка влада со Груевски, тогаш барем во разговорите со СДСМ да изнуди учество на ДПМНЕ во една поширока коалиција, односно во случај на неуспех да се закани со распишување на нови избори. И во едната и во другата варијанта, независно што се` ќе преземе таа идна влада лично за Груевски од животно значење е да не се продолжи мандатот на СЈО и истрагите против него да завршат без судски епилог. Тогаш и прашањата за двојазичноста, федерализацијата, за СОРОС и соросоидите, за Шарената револуција и странските заговори, за продажбата на уставното име, преку ноќ ќе бидат заборавени и мамето мамино на тој што ќе спомене дека некогаш Груевски зборувал за такви бесмислици.

Нема на светот цена што тој не би ја платил, само да може да си ја спаси главата и никогаш повеќе на сон да не му се појавува насмеаниот лик на “проклетата” обвинителка Катица Јанева!